Прв случај на ебола потврден во Франција

ебола

Франција го потврди својот прв случај на ебола. Станува збор за лекар кој се вратил од хуманитарна мисија во Демократска Република Конго. Лекарот бил „веднаш примен во специјализирана установа“ и е во стабилна состојба, соопшти денес француското Министерство за здравство, пренесува Би-Би-Си .

Епидемија во Африка

Демократска Република Конго прогласи епидемија на ебола минатиот месец, но експертите веруваат дека вирусот циркулирал со недели пред официјалното објавување. Вирусот досега уби повеќе од 260 луѓе во централноафриканската земја, а зарази илјадници.

Ова е прв потврден случај на ебола во Европа, иако американски лекар кој минатиот месец беше позитивен на тестот во ДР Конго беше лекуван во болница во Германија. Случаи се потврдени и во соседна Уганда, каде што Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека се заразени 20 лица, од кои две починале.

Француските власти: Ризикот е низок

Француското Министерство за здравство во средата нагласи дека ризикот за населението е „многу низок“ и дека надлежните служби работат на пронаоѓање на луѓе кои можеби биле во контакт со заразениот лекар. Здравствените работници се особено изложени на ризик од ебола, која се шири преку телесни течности. Минатата недела, СЗО објави дека 17 од 75 здравствени работници кои се заразиле со ебола во ДР Конго починале.

Сој без вакцина и посебни мерки

Сегашната епидемија е предизвикана од сојот на вирусот Бундибугио, за кој во моментов нема вакцина. Франција воспостави „специјален систем за надзор“ за хуманитарните работници кои се враќаат од Демократска Република Конго, соопшти Министерството за здравство.

Ситуацијата во ДР Конго

Според Африканските центри за контрола и превенција на болести (Африка ЦДЦ) и американските власти за јавно здравје, сегашната епидемија на ебола има потенцијал да стане една од најголемите досега регистрирани. Случаите се претежно концентрирани во источните провинции Итури, Јужен Киву и Северен Киву.

Итури е главното жариште на пренос, со повеќе од 90 проценти од потврдените инфекции. Светската здравствена организација предупреди дека конфликтот во источен ДР Конго ја отежнува борбата против епидемијата, бидејќи бунтовничката група М23 контролира големи делови од Северен и Јужен Киву.

Најчитано