Русија ќе биде поканета да испрати свои претставници на меѓународната церемонија за комеморација на 80-годишнината од Денот Д. На комеморацијата ќе присуствуваат голем број светски лидери, вклучувајќи го и американскиот претседател Џо Бајден, но не и Владимир Путин, поради војната во Украина.
Се наведува дека од Елисејската палата прифатиле дека земјата треба да биде претставена, но истакнаа дека нејзиниот лидер не е добредојден поради тековната војна на Москва против Украина, пренесува Гардијан според соопштението од француските организатори.
„Со оглед на околностите, претседателот Путин нема да биде поканет да учествува на комеморацијата на истоварувањето во Нормандија“, соопшти Организацискиот комитет на Мисијата за ослободување. Меѓутоа, Русија ќе биде поканета да биде претставена за да може да се почитува важноста на посветеноста и жртвите на советските народи, како и нејзиниот придонес во победата во 1945 година“.
Понатаму, се додава дека:
„За разлика од режимот на Кремљ, Франција не води политика на историски ревизионизам“.
„Историски гледано, Франција секогаш ги поканувала земјите чии контингенти слетале во Нормандија да учествуваат на церемонијата. Во минатото, поканата беше упатена и до Руската Федерација“, изјавија организаторите во вторникот.
Не беа дадени дополнителни информации, а на изјавата не реагираа од руската амбасада во Париз и официјален Кремљ и не посочија дали поканата ќе биде прифатена.
Сепак, руската државна новинска агенција ТАСС во вторникот вечерта соопшти дека: „Засега не добивме официјални покани од француската страна“.
Прес секретарот на рускиот претседател Дмитриј Песков исто така посочи дека Кремљ не добил таква покана, додека самиот Путин сé уште јавно не се произнесе за ова омаловажување.
Предходно, Путин беше поканет и присуствуваше на церемонијата за одбележување на 70-годишнината од денот Д и покрај руската анексија на Крим неколку месеци претходно. По комеморациите во јуни 2014 година, Путин и тогашниот украински претседател Петро Порошенко се сретнаа во Елисеј на разговори откако Москва го поддржа прорускиот бунт во источна Украина.
Тогашниот француски претседател Франсоа Оланд тогаш изјави:
„Можете да имате разлики во мислењата со Владимир Путин, но јас никогаш не заборавив и никогаш нема да заборавам дека рускиот народ даде милиони животи“.
Советскиот Сојуз изгуби повеќе од 27 милиони луѓе за време на војната – со 8,7 милиони воени и 19 милиони цивилни жртви.
Како што пренесува Политико, ова не е првпат Путин да биде омаловажуван од сличен настан. Тој не беше поканет ниту на 75-годишнината од Денот Д во 2019 година, каде што присуствуваа личности како Тереза Меј, кралицата Елизабета Втора, принцот Чарлс, Ангела Меркел и Доналд Трамп.
Според извештаите, и овој пат француските организатори намерно го изоставија Путин од списокот со покани за церемонијата на Денот Д оваа година, со што рускиот автократ станува сè поизолиран во меѓународната заедница.
Само неколку африкански лидери присуствуваа на неговиот самит во Русија минатата година, а една година предходно тој беше оставен да чека од турскиот претседател веднаш откако ја нападна Украина.
.Во јуни 1944 година, сојузничките трупи извршија десант на плажите во Нормандија под контрола на Германија на почетокот на копнената инвазија на континентална Европа која заврши со победа над нацистите во 1945 година.