Радовиш денес се угуши, општината со апел до граѓаните

Радовиш денес се угуши во чад од пожарот на градската депонија, поради што Општина Радовиш и Кризниот штаб упатија апел до граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита на здравјето. Според објавата на локалните власти, надлежните служби работат на локализирање и целосно гаснење на пожарот, а препораките се дадени по консултација со лекарите од Центарот за јавно здравје – Штип.

Граѓаните се повикуваат да избегнуваат непотребен престој на отворено и да ги ограничат движењата, особено во периоди кога чадот е најинтензивен. Од Општината препорачуваат прозорците и вратите во домовите и работните простории да останат затворени, а клима-уредите и системите за вентилација што внесуваат надворешен воздух да се исклучат.

Посебен апел е упатен до родителите и училиштата да не дозволуваат престој на деца на отворено, особено во дворовите на градинките и училиштата. Ранливите категории граѓани, децата, постарите лица, бремените жени и лицата со хронични заболувања, треба да останат во најзаштитените простории и да избегнуваат изложување на чад.

Општината препорачува при излегување да се користат заштитни маски што филтрираат честички, најдобро од типот FFP2, FFP3 или N95. Граѓаните се предупредуваат да не се приближуваат до погоденото подрачје и да не доаѓаат во контакт со отпад или предмети од депонијата сè додека надлежните служби не дадат дозвола.

Од Кризниот штаб апелираат граѓаните веднаш да побараат медицинска помош доколку почувствуваат отежнато дишење, кашлица, печење во очите, вртоглавица или други здравствени тегоби. На работодавачите им се препорачува, согласно можностите, да овозможат ослободување од работа или работа од дома за ризичните категории вработени.

Пожарот на градската депонија уште еднаш го отвори старото прашање за безбедноста, управувањето со отпадот и здравствените ризици за населението. Кога депонијата гори, проблемот не е само комунален, туку станува јавноздравствен аларм што директно ги погодува домовите, училиштата, работните места и секојдневието на граѓаните.

Најчитано