Почина професорот Ричард Сколјер, водечки светски експерт за меланом, кој во 2023 година стана првиот пациент со глиобластом кој се подложи на експериментална имунотерапија базирана на сопствени научни истражувања.
Почина австралискиот лекар и еден од најпознатите светски стручњаци за меланоми, Ричард Сколјер, три години откако му беше дијагностициран агресивен тумор на мозок.
Сколјер, кој имал 59 години, стана светски познат во 2023 година кога се одлучи да се подложи на ризично експериментално лекување на глиобластом, во рамки на прв ваков пристап во светот, предводен од неговата колешка и пријателка, професорката Џорџина Лонг. Терапијата се темелеше на нивните претходни научни откритија во третманот на рак на кожа.
Нивната работа во областа на напреднат меланом доведе до значајни подобрувања во лекувањето и им помогна на многу пациенти ширум светот. Истражувањата поврзани со неговиот случај дополнително поттикнаа клинички испитувања во САД.
Во 2024 година, Сколјер беше прогласен за Австралиец на годината заедно со Лонг.
Во своите јавни настапи, тој нагласуваше дека не сакал пасивно да ја прифати дијагнозата и дека сака да придонесе и во најтешките моменти од својот живот, истакнувајќи ја важноста на научниот напредок и храброста во медицината.
Австралискиот премиер Ентони Албанезе го опиша како „еден од најсветлите и најтоплите луѓе“, додавајќи дека неговата работа и пристап кон болеста оставиле силен белег во медицинската заедница.
Сколјер беше коосновач и директор на Институтот за меланом во Австралија и со својата работа придонесе за значително подобрување на преживувањето кај пациентите со напреднат меланом.
Тој зад себе остави сопруга и три деца, а во своето последно писмо порача дека научниците мора да продолжат да ги поместуваат границите во истражувањето на ракот.
