Поранешната обвинителка Вилма Русковска остро реагираше на кривичната пријава што против неа ја поднесоа Јане Ченто, Борис Дамовски и Богдан Илиевски, поврзана со судскиот процес за насилствата во Собранието на 27 април 2017 година. Во одговорот, Русковска ја отфрла тезата дека постапувала незаконски и потсетува дека обвинителите не ја носат конечната одлука, туку судовите.
„Моите родители крвареа за оваа држава. Мајка ми беше во бугарски затвор, татко ми ранет го закопавме со бугарски куршум, па не може Јане Ченто да ја сака оваа држава повеќе од мене“, изјави Русковска, реагирајќи на обвинувањата што доаѓаат од дел од осудените за 27 април. Таа додаде дека мајка ѝ била ранета на Сремскиот фронт и дека никој нема право да ја мери нејзината љубов кон државата преку политички квалификации.
Кривичната пријава беше најавена како обид за преиспитување на судскиот процес за 27 април. Ченто, кој е еден од осудените за настаните во Собранието, претходно најави дека ќе бидат изнесени нови детали и аргументи, со тврдења за незаконски докази, притисоци врз сведоци и монтирана постапка.
Русковска, пак, одговара дека обвинителството било само една страна во постапката, а дека пресудата поминала низ повеќе судски инстанци. Таа потсетува дека одлуките биле потврдени од Апелацискиот и од Врховниот суд, што, според неа, покажува дека немало незаконско постапување во која било инстанца.
Во мај 2023 година, Врховниот суд ги одби барањата за вонредно преиспитување на правосилната пресуда во предметот „27 април“, со што практично останаа во сила претходните одлуки на Основниот кривичен суд и на Апелацискиот суд во Скопје.
Русковска ја поставува и дилемата зошто кривичната пријава е насочена само против неа, ако пресудата ја донеле судови, а постапката ја разгледувале и повисоки судски инстанци. Таа прашува каде се обвинителите што постапувале во второстепена постапка, каде се судиите од Апелација и каде се оние што постапувале пред Врховниот суд.
Според неа, пријавата е обид за свртување на вниманието од предизборните ветувања на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе се реши прашањето со осудените за 27 април. Русковска оценува дека сега се отвора нов политички фронт затоа што тоа ветување не било исполнето.
Темата доби дополнителна политичка тежина откако премиерот Христијан Мицкоски оцени дека судењето за 27 април било „политички монтиран случај“ од претходната власт и дека, според него, „невини луѓе биле прогласени за терористи“, иако направиле престап за кој требало да одговараат.
Со ова, девет години по насилството во Собранието, случајот 27 април повторно се враќа во центарот на политичката и правосудната дебата. За осудените и нивните поддржувачи, новите пријави се обид за отворање на постапката. За Русковска, пак, станува збор за политичко префрлање на вината врз обвинител кој постапувал со докази, додека конечните одлуки ги носеле судовите.