Сакате детето да јаде зеленчук, науката вели почнете порано

Детето да јаде зеленчук е една од најчестите родителски битки, но ново мало истражување сугерира дека вкусот може да почне да се гради многу порано отколку што се мислеше, уште во текот на бременоста, преку исхраната на мајката и изложеноста на плодот на одредени вкусови.

Истражувачи од Универзитетот во Дурам и Универзитетот Астон во Велика Британија следеле како тригодишни деца реагираат на мирис на морков и кељ, откако уште пред раѓањето биле изложени на тие вкусови преку исхраната на нивните мајки. Заклучокот е изненадувачки: децата поретко покажувале негативни реакции кон зеленчукот чиј вкус го „запознале“ уште во утробата.

Во претходна фаза од истражувањето, мајките во 32. и 36. недела од бременоста консумирале капсули со концентрат од морков или кељ, а реакциите на плодот биле следени со ултразвук. Подоцна, кога децата имале три години, истражувачите им доближувале мириси од истиот зеленчук на памучни стапчиња и ги снимале нивните изрази на лицето.

Резултатите покажале дека децата имале помалку негативни реакции кон мирисот на зеленчукот на кој биле изложени пред раѓањето. Кељот, како погорчлив зеленчук, генерално предизвикувал повеќе отпор, но и таму раната изложеност изгледа го намалувала одбивањето.

Сепак, научниците предупредуваат дека ова не е готов рецепт за тоа како секое дете ќе засака зеленчук. Истражувањето е мало, опфатило 12 деца, тие не го јаделе зеленчукот за време на тестирањето, туку само го мирисале, а не бил целосно следен ниту периодот меѓу раѓањето и третата година.

И покрај ограничувањата, пораката е важна за родителите: навиките за исхрана не почнуваат само кога детето ќе седне на маса. Вкусот, мирисот, семејните навики и културата на јадење се градат постепено, а бременоста може да биде еден од првите моменти кога детето се среќава со храната што подоцна ќе ја прифаќа или одбива.

Најчитано