Семејството на Орбан собрало 64 милиони евра додека тој владеел

Семејството на Орбан, според анализата на унгарскиот економски портал G7 што ја пренесоа регионални и унгарски медиуми, заработило повеќе од 64 милиони евра само по основ на дивиденди во периодот додека Виктор Орбан беше на власт, отворајќи нова чувствителна тема за богатството, политичката моќ и бизнис-империите околу неговото семејство.

Во анализата се наведува дека таткото на Орбан, Ѓезе Орбан, во изминатите 16 години примил повеќе од 31 милион евра дивиденди од своите рударски компании, како и дополнителни околу 3,6 милиони евра од други фирми поврзани со транспорт и недвижности. Вкупниот износ што му се припишува по основ на дивиденди изнесува речиси 35 милиони евра.

Посебно место во пресметката има и зетот на Орбан, Иштван Тиборц, кој, според истата анализа, меѓу 2015 и 2026 година примил околу 29,2 милиони евра дивиденди од компании во негова сопственост. Најголем дел од тие исплати доаѓаат од BDPST Group, групација активна во туризам, недвижности, финансиски сектор и логистика.

Унгарските медиуми посочуваат дека приказната не завршува со веќе исплатените дивиденди. Во централната компанија на BDPST на крајот на 2025 година биле акумулирани околу 52 милијарди форинти задржана добивка, што значи дека Тиборц потенцијално би можел во иднина да повлече уште поголем износ од оној што досега го добиле сите наведени членови на семејството заедно.

444.hu дополнително пишува дека компанијата Dolomit Kft., во која таткото на Орбан има мнозински удел, и во 2025 година останала профитабилна, иако приходите бележеле пад. Според тој медиум, сопствениците повторно извлекле голем дел од добивката како дивиденда, а Ѓезе Орбан само од таа компанија добил повеќе од 1,3 милијарди форинти.

Истражувачкиот центар Direkt36 уште во претходни анализи укажуваше дека рударската компанија на семејството Орбан со години се издвојува по високите дивиденди во споредба со компании од истиот сектор. Тоа ја засилува сликата дека станува збор за долгорочен модел на акумулација на богатство, а не за еднократен финансиски скок.

Овие бројки доаѓаат во политички контекст во кој Орбан со години ја гради својата власт врз реторика за национален суверенитет, семејни вредности и отпор кон надворешни центри на моќ. Но, анализата на унгарските медиуми ја отвора другата страна на таа приказна: додека државата се претставуваше како тврдина против елитите, најблискиот круг до власта создавал бизнис-систем што исплаќал милиони евра дивиденди.

Најчитано