Сенките на Орбан уште ја држат Унгарија за грло

Маѓар

Сенките на Орбан ја следат Унгарија и по неговото заминување од власт, додека новиот премиер Петер Маѓар денеска во Брисел влегува во разговори со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за деблокирање на милијарди евра европски средства и за враќање на земјата во европскиот политички центар.

Маѓар, кој на изборите во април стави крај на 16-годишното владеење на Виктор Орбан, пристигна во Брисел со порака дека станува збор за најважните разговори во последните години. Влогот е голем: повеќе од 35 милијарди евра европски средства остануваат блокирани поради долгогодишните забелешки на Европската Унија за владеењето на правото во Унгарија.

Пакетот опфаќа 10,4 милијарди евра од Фондот за закрепнување, 7,6 милијарди евра од Кохезискиот фонд и околу 17 милијарди евра европски одбранбени заеми. Најитна е деблокадата на средствата од Фондот за закрепнување, бидејќи Будимпешта до крајот на август треба да исполни конкретни услови, во спротивно ризикува да изгуби време и ресурси.

Но, проблемот за Маѓар не е само во Брисел. Иако новата влада има силно парламентарно мнозинство, унгарската држава сè уште носи длабоки институционални траги од ерата на Орбан. Клучни позиции, меѓу кои претседателската функција, Уставниот суд и јавниот обвинител, сè уште се поврзуваат со луѓе лојални на поранешниот премиер.

Токму затоа Европската комисија е внимателна. Будимпешта прифатила реформи за зајакнување на антикорупциската инфраструктура и промени во работењето на институциите од јавен интерес, но Брисел не сака само нови закони на хартија, туку докази дека тие ќе се спроведат во практика.

Унгарскиот случај го носи и товарот на полското искуство. Кога Доналд Туск се врати на власт во 2023 година, Европската комисија одблокира повеќе од 100 милијарди евра откако Варшава претстави план за реформи во правосудството. Подоцна, дел од клучните промени беа блокирани, а Комисијата се соочи со критики дека ги ослободила парите врз основа на политички ветувања, а не на целосно спроведени реформи.

Затоа денешната равенка е потешка од дипломатска средба. Маѓар треба да докаже дека Унгарија навистина може да сврти страница по Орбан, а Брисел треба да најде начин да ја поддржи политичката промена без да ги напушти условите со кои со години ја притискаше Будимпешта.

Најчитано