Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Северна Македонија денеска ја потпишала изјавата на 37 земји за повлекување на „законот за странски агенти“ во Грузија

Откако Рацин.мк објави дека новата Влада на Северна Македонија не ја потпишала заедничката изјава со којашто 36 европски земји ја повикуваат Владата на Грузија да го повлече Законот за транспарентност за странски влијанија, популарно наречен „закон против странски агенти“, денеска доцна попладне до редакцијата на порталот од Министерството за надворешни работи, во 17 часот и 35 минути, пристигна известување дека нашата земја се придружила кон листата земји конспонзори на иницијативата на Литванија, како 37 земја.

Во известувањето на МНР пишува: „Северна Македонија ја дели загриженоста на ЕУ којa се однесува на законот за транспарентност на странско влијание во Грузија, што е впрочем наша принципиелна позиција и за слични закони во други држави. Соодветно, ја подржуваме и заедничката изјава на Литванија дадена во име на група земји, на која се придруживме и која e објавена на официјалната страница на Советот за човекови права, што е вообичаена пракса“. 

Во информацијата на МНР е приложен и линкот до порталот на Постојаната мисија на Литванија во Советот за човекови права на Обединетите нации во Женева, на кој се гледа дека информацијата е апдејтирана денеска, на 2 јули 2024 година, и во листата на земјите спонзори е допишана и Северна Македонија.

Во изјавата што во име на 36 земји, меѓу кои сите земји членки на ЕУ, плус САД, Канада и Велика Британија и други европски земји, без Унгарија, Србија и Словачка, ја иницираше Литванија, се вели дека со Законот за транспарентност за странски влијанија, Владата на Грузија има за цел да ја „замолчи“ работата на медиумите, организациите за заштита на човековите права и на другите граѓански организации.

Земјите потписнички, освен отповикување на законот, ја повикаа владата во Тбилиси да ги запре процесите против новинарите, граѓанските активисти и другите граѓани коишто протестираа против донесувањето на законот и да се истражат сите случаи на насилство што беа применети против овие граѓани.

Како што е познато, ваков „закон против странски агенти“ беше донесен во Руската Федерација со декрет на претседателот Путин.  

Зачлени се на нашиот е-билтен