На рочиштето за пожарот во дискотеката „Пулс“ беа презентирани документи од Дирекцијата за заштита и спасување, а поранешниот директор Шабан Салиу оспори дел од потписите што стојат на нив.
На продолжението на судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани беа презентирани квартални планови за инспекциски надзори, годишни програми и службени документи на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), потпишани во периодот кога директор на институцијата бил Шабан Салиу.
Во текот на рочиштето, Салиу изјавил дека дел од потписите на документите не се негови, иако на нив стои неговото име како директор на ДЗС.
Обвинителството посочило дека во 2015 година Кочани немало назначен инспектор, што, според нив, произлегува од годишните програми и распоредот на инспекторите. И покрај тоа, истата година инспектори од Скопје извршиле надзор само кај еден правен субјект со низок ризик, што обвинителството го оцени како селективен пристап.
Од презентираните документи произлегло дека во програмите за инспекциски надзор од 2012 до 2014 година биле опфатени хотели, ресторани и мотели, но не и кафулиња и дискотеки, меѓу кои и „Пулс“.
Александар Наунов од здружението „16 Март“ изјави дека денешното рочиште отвора дополнителни прашања за функционирањето на институциите.
„Денес во судницата слушнавме одбрана дека дел од потписите не биле на обвинетиот. Иако на документите стоело неговото име како директор, остана впечаток дека најголемото прашање повеќе не е кој ја водел институцијата, туку кој го држел пенкалото“, рече Наунов.
Тој додаде дека доколку навистина некој друг потпишувал наместо директорот, тоа би укажувало на сериозни системски пропусти во работата на институцијата.
Според Наунов, јавноста има право да бара одговори на прашањата кој ги потпишувал документите, кој го дозволувал тоа и како таквата практика можела да функционира со години.
Во пожарот што избувна на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Трагедијата предизвика силни реакции во јавноста и отвори сериозни прашања за инспекциските контроли, безбедносните стандарди и институционалната одговорност.
