Samsung Electronics се соочува со 18-дневен штрајк откако пропаднаа последните преговори меѓу раководството и синдикатот за платите и бонусите на работниците. Околу 48.000 вработени се подготвуваат од четврток, 21 мај, да ја прекинат работата, во спор што веќе ја надминува рамката на класичен работнички конфликт и се претвора во тест за јужнокорејската економија и глобалниот пазар на чипови.
Во центарот на спорот се бонусите. Синдикатот бара укинување на ограничувањето според кое бонусите се лимитирани на 50 проценти од годишната плата, како и издвојување 15 проценти од годишната оперативна добивка на компанијата за бонуси на работниците. Раководството на Samsung ги оцени барањата како неприфатливи, со аргумент дека таков модел би ги нарушил принципите на управување, особено во индустрија во која профитите силно зависат од циклусите на пазарот на полупроводници.
Штрајкот доаѓа во момент кога Samsung бележи силен раст на профитот, поттикнат од глобалната побарувачка за мемориски чипови и технологија поврзана со вештачка интелигенција. Само во првиот квартал, оперативната добивка на компанијата скокнала на 57,2 билиони вони, односно околу 38 милијарди долари. Тоа ја засили фрустрацијата кај работниците, особено поради споредбите со конкурентот SK Hynix, каде вработените добиле значително повисоки бонуси.
Јужнокорејската влада го следи спорот со посебна загриженост. Samsung е еден од столбовите на извозно ориентираната економија на земјата, а можен застој во производството на чипови би можел да се почувствува и надвор од Јужна Кореја. Владата веќе предупреди дека, доколку штрајкот ја загрози економијата, може да активира ретко користен механизам за итна арбитража, со кој штрајкот би бил ставен во мирување додека траат преговорите.
Судот во Сувон делумно го прифати барањето на Samsung за ограничување на штрајкот и наложи да се обезбеди минимален број работници во критичните производствени капацитети, за да не се загрозат материјалите, опремата и безбедното работење. Според Reuters, компанијата го известила синдикатот дека 7.087 работници ќе мора да се појават на работа за одржување на основните функции.
Спорот има и поширока симболика. Работниците во Samsung бараат поголем удел во добивката токму во момент кога вештачката интелигенција ги зголемува приходите на технолошките гиганти. Од другата страна, компанијата стравува дека трајно повисоки бонуси и нов модел на распределба на профитот би создале притисок врз трошоците и врз начинот на кој се управува со различните делови од конгломератот, меѓу кои има и профитабилни и загубарски сектори.
Засега двете страни оставаат простор за продолжување на преговорите, но почетокот на штрајкот би бил најсилниот работнички притисок врз Samsung во период кога мемориските чипови се едно од најчувствителните места во глобалната технолошка економија.
