Скандал во ЗОО Скопје: Волците чувани зад жица и платно, по бегството усмртиле животни

Нова снимка од живеалиштето на белите волци во Зоолошката градина во Скопје отвора сериозни сомнежи за безбедносните услови во кои биле чувани дивите животни. На видеото објавено од здружението „Анима мунди“ се гледа метална жичена ограда, искинат текстилен материјал и камен поставен на долниот дел како импровизирана заштита.

Снимката беше објавена откако во јавноста се појавија информации дека белите волци избегале од живеалиштето, по што нападнале и усмртиле четири кенгури и неколку ему птици.

Според досега објавените информации, волците ископале под оградата и излегле од просторот во кој биле сместени. На вработените им биле потребни неколку часа за да ги пронајдат и да ги вратат во живеалиштето.

На видеото се гледа како волците ги протнуваат шепите низ оштетениот материјал поставен под металната ограда. Тоа отвора прашање дали просторот воопшто ги исполнувал минималните стандарди за чување предатори и спречување нивно бегство.

„Под ваква ограда бега куче со 15 минути копање, а не волк“, реагираа од „Анима мунди“, оценувајќи дека безбедноста на дивите животни не смее да се заснова врз импровизација и среќа.

Од здружението побараа итно затворање на Зоолошката градина додека не биде извршен независен инспекциски надзор на сите живеалишта, кафези, огради и безбедносни системи.

Тие бараат и независна истрага за бегството на волците, усмртувањето на животните и утврдување одговорност за евентуалните пропусти. Дополнително предлагаат мораториум на размножување и внесување нови животни додека не бидат обезбедени соодветни услови.

Од Зоолошката градина во Скопје и натаму нема официјално соопштение, потврда или демант за инцидентот. Нема ниту објаснување како волците успеале да избегаат, кој бил одговорен за проверката на живеалиштето и дали постоела опасност за посетителите.

Молкот на институцијата дополнително ја засилува загриженоста, особено по објавувањето на снимката која укажува дека опасни диви животни биле чувани зад очигледно компромитирана и импровизирана ограда.

Најчитано