Скопскиот бенд „In the mood“ ја орасположи публиката на Џез фестивалот во Тирана

Синоќа (29 април) на покана од Културно-информативниот центар на РСМ во Тирана, групата „In the mood“ од Скопје имаше извонреден настап на Tirana jazz festival.

Првиот дел од џез фестивалот во Тирана секоја година се одржува кон крајот на април и секогаш е богат со голем број музички имиња од европскиот џез. Годинава на програмата имаше тематски вечери насловени „Средбата на Италија со Балканот“, каде настапуваа по две групи од Италија и една од Албанија и од балканските земји. Македонската џез-сцена беше претставена од скопската група „In the mood“. Секој бенд имаше можност по еден час да се претстави пред бројната публика.

Во прекрасна, барска атмосфера, публиката беше воодушевена од настапот на „In the mood“. По завршување на нивниот настап неколкумина италијански менаџери изразија задоволство и упатија покана до „In the mood“ за настап нa некој од реномираните џез фестивали во нивната земја.

На 10-ти мај Културно-информативниот центар во Тирана со големо задоволство ќе го претстави Народниот театар-Битола пред тиранската публика со претставата „Артуро Уи“ од Бертолд Брехт, во режија на Кендрим Ријани.​

Треба да знаете
Moже да ве интересира