Пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, денеска во Собранието процедурално реагираше на предлог-законското решение за техничката влада, оценувајќи дека неговото носење по скратена постапка е спротивно на воспоставените принципи и реформската агенда.
„Ова законско решение што се предлага излегува од рамките на моделот и начинот на којшто е донесен Законот за Влада и е спротивно на договорениот пристап меѓу политичките партии”, истакна Спасовски.
Тој потсети дека решението за изборните циклуси и техничката влада е резултат на политички договор меѓу четирите најголеми партии, со гаранција од меѓународната заедница, и дека првично било ограничено на изборите во 2016 година. Дополнително, нагласи дека на барање на ВМРО-ДПМНЕ во 2018 година истото решение било повторно донесено без временско ограничување, односно со важност до влезот на државата во Европската Унија.
Спасовски посочи дека актуелните аргументи за измена на законот се во спротивност со претходните ставови и иницијативи на истите политички чинители.
„Денеска се изнесуваат ставови коишто директно ги побиваат барањата и предлозите дадени во 2018 година”, рече Спасовски.
Во продолжение, тој нагласи дека Законот за Влада е дел од пошироката реформска агенда, која ги опфаќа и изборниот законик и новиот кривичен законик.
„Со носење на вакво решение набрзина, по скратена постапка, нема да можеме да ги исполниме критериумите од реформската агенда, која предвидува системски и темелен пристап”, потенцираше Спасовски.
Тој повика на враќање на дијалогот и консензусот во рамки на Собранието, со цел да се задржи договорениот модел.
„Нема потреба од брзање. Потребно е да се вратиме на форматот преку кој е донесено ова законско решение, со консензус и дијалог меѓу политичките партии”, заклучи Спасовски.