Грчката полиција уапси три лица осомничени за поврзаност со координираните напади врз домовите на членови на владејачката Нова демократија во Солун, во кои загина една жена, а уште неколку лица беа повредени.
Апсењата биле извршени во Солун и на островот Крит, во рамки на операции на антитерористичката служба. Меѓу осомничените се 26-годишна жена, 29-годишен маж и сопственик на куќа во која, според истражителите, првите двајца се засолниле по нападот.
Жената била уапсена во Ханија, каде што, според полицијата, заминала во обид да им избега на истражителите. Грчките медиуми објавија дека таа претходно била осудена за учество во анархистичката група „Анархистичка акција“ и веќе издржувала затворска казна.
Дваесет и деветгодишниот осомничен бил уапсен во Солун. Полицијата го опишува како лице присутно во локалните анархистички кругови, кое и претходно било повикувано на разговор во рамки на други истраги.
Истражителите се сомневаат дека двајцата биле вклучени во третиот и најтежок напад, при кој почина Вагија Нестора, мајка на кандидатката за пратеничка од Нова демократија, Афродити Нестора. Третиот уапсен е сопственикот на објектот во кој осомничените наводно се упатиле по активирањето на експлозивната направа.
Серијата напади се случи во раните утрински часови на 1 јули, во период од околу 45 минути. На три локации пред станбени објекти биле поставени импровизирани експлозивни направи направени од мали плински боци.
Првите два напада предизвикале главно материјална штета, додека третиот напад довел до пожар во кој биле зафатени автомобили и мотоцикли паркирани пред станбена зграда.
Вагија Нестора добила изгореници на околу 80 проценти од телото и починала во болница по откажување на органите. Нејзината ќерка Афродити Нестора, како и уште неколку жители на зградата, биле повредени и пренесени на лекување.
Полицијата верува дека нападите биле однапред планирани и координирани, но истрагата покажува дека можеби биле извршени од две различни групи. Едната група се поврзува со првите два напада, додека другата се истражува за смртоносната експлозија.
Во идентификувањето на осомничените помогнале снимки од безбедносни камери и други докази, според кои дел од нив го посетиле местото најмалку еден ден претходно за да го набљудуваат просторот и да го подготват нападот.
Засега ниту една организација не ја презеде одговорноста. Грчките власти нападите ги третираат како политички мотивирано насилство и терористички акт насочен кон претставници на владејачката партија.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис ги осуди нападите како слепо насилство во јавниот живот, додека Нова демократија организираше собир во чест на жртвата и против политичкиот тероризам.
Истражните органи продолжуваат да проверуваат дали уапсените имале помагачи, кој ги изработил направите и дали нападите биле дел од поширока организирана мрежа.
