Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Унгарски експерти: Орбан со пари на Унгарците „купува“ сојузништво со нелиберални лидери за влијание на Западен Балкан

„Во последниве години, владата на Орбан вложи значителен напор и унгарски јавни пари во градењето сојузи со политичките лидери и партии во други земји, главно врз основа на заедничката идеологија и меѓусебните политички интереси. Владата на Орбан ги изгради своите меѓународни односи не преку институции, туку преку партии или поединечни политичари“, вели за Рацин.мк Булцу Хунјади, раководител на програмата која ги истражува радикализацијата и екстремизмот во „Political Capital“, независен институт за истражување и анализа основан во 2001 година во Будимпешта.

Според Хунјади, главна цел на ова градење на сојузот е да се обезбеди долгорочен опстанок на режимот на домашен терен преку обид да се создаде соодветна надворешна политичка средина за Владата и да се спротивстави на критиките и гонењето за уривање на владеењето на правото и за системската корупција. Западен Балкан исто така игра улога во оваа стратегија, а Орбан се обидува да изгради мрежа на сојузнички политички лидери кои се спротивставуваат на мејнстрим европската политика.

Раководителот на независнио институт за истражување и анализа „Political Capital“ посочува дека од 2010 година, откако Виктор Орбан стана премиер на Унгарија, политиката на земјата кон Западен Балкан стана проактивна.

„Регионот зазеде важно место во надворешнополитичките приоритети на Будимпешта, а Унгарија се смета за „важен актер“ во регионот. Со години главен партнер на Будимпешта е Србија, а во помала мера Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија. Унгарија одржува минимални контакти со Албанија и Косово, но во сите овие земји пред се има медиумско влијание и сопственост на голем број медиуми како и сомнителни инвестиции пред сѐ од луѓе за кои има сомнежи за корупција“, истакнува во анализата за Рацин.мк Хунјади.

Според овој аналитичар, Орбан е на власт 14 години и 14 години е некако невозможно тој да биде изолиран, најмногу поради врските со автократските лидери во светот.

„Милијарди евра од ЕУ исчезнаа низ корумпирани канали, а Орбан редовно си даваше подароци себеси и на своите најблиски – од неговиот зет преку неговиот школски другар до заслужните партиски пријатели. Парите од Брисел беа замрзнувани предоцна и повторно одмрзнувани прерано. И предолго Орбан беше во можност да ги продава милијардите како потврда за својата демонтажа на демократијата во топлото гнездо на европското демо-христијанско партиско семејство, а на негативните листи на Транспаренси Интернешнал оваа земја убедливо е на првото место“, нагласува Булцу Хунјади, раководител на програмата која ги истражува радикализацијата и екстремизмот во „Political Capital“.

Зачлени се на нашиот е-билтен