Бесплатна едукативна тура на тема „Женското наследство во Центар”, ќе се одржи утре, на 17 мај, со почеток во 12:00 часот, кај фонтаната „Лотосов цвет” во Градскиот парк.
Водич ќе биде историчарката по уметност и кустос Бојана Јанева, а фокусот е ставен на локации и обележја поврзани со улогата на жените во обликувањето на културниот и општествениот идентитет на градот.
Прошетката ќе опфати посета на неколку клучни споменици, каде учесниците ќе имаат можност да слушнат приказни и историски факти, меѓу кои и онаа за партизанката Вера Јоциќ, за Споменикот на ослободителите на Скопје, Паркот „Жена Борец” и др.
„Ова е можност да се потсетиме на жените кои се жртвувале за она што го имаме денес. Да не заборавиме дека над 5 000 жени учествувале во Народноослободителната борба, од кои околу 300 загинале, 7 биле прогласени за народни херои, а 141 жена се носители на Партизанска споменица 1941″, порача Герасимовски.
За сите што ќе се придружат на овој настан, обезбедени се пијалок и ужина, а ќе им бидат доделени и симболични сувенири.
Едукативната програма „Центарски прошетки” е дел од Програмата за култура на Општина Центар за 2026 година, со цел поголема информираност и приближување на културното наследство до граѓаните.
