Вајц: Дијалогот со Бугарија е важен, но потребни се конкретни чекори

Вајц

Дијалогот меѓу Македонија и Бугарија мора да продолжи, но самите разговори нема да бидат доволни без конкретни политички чекори, порача известувачот на Европскиот парламент за земјава, Томас Вајц.

По усвојувањето на извештајот за напредокот на Македонија, Вајц нагласи дека надминувањето на застојот бара политичка волја, спроведување на реформите и исполнување на преземените обврски во процесот на европска интеграција.

Според него, Македонија има потенцијал да биде следната земја од Западен Балкан што значително ќе напредува кон членство во Европската Унија, по Црна Гора и Албанија. За тоа, сепак, потребни се договор меѓу власта и опозицијата, усвојување на уставните измени и видливи резултати во клучните реформски области.

Вајц оцени дека Европската Унија треба да го признае и награди секој реален напредок што го постигнуваат земјите кандидати. Како можни придобивки ги посочи постепеното вклучување во единствениот европски пазар, олеснувањата во роамингот и пристапот до европските финансиски и економски механизми.

Целта, според европратеникот, е да не се изгуби мотивацијата на македонските граѓани по повеќе од две децении чекање за членство.

Тој истовремено порача дека добрососедските односи не се градат само со формални договори, туку и со постепено обновување на меѓусебната доверба.

„На нас во Европската Унија е да го поддржиме дијалогот, да ја вратиме довербата и да помогнеме преку мали чекори повторно да се изградат добрите билатерални односи меѓу Бугарија и Северна Македонија“, порача Вајц.

Тој нагласи дека процесот на помирување е сложен и дека бара признавање на историските грешки, меѓусебно почитување и подготвеност за соработка од двете страни.

Сепак, Вајц јасно направи разлика меѓу европските критериуми и историските толкувања. Според него, Европската Унија не бара соседните земји да имаат целосно идентични учебници по историја, ниту дозволува оспорување на националниот идентитет.

Тој посочи дека ниту Австрија, осум децении по Втората светска војна, нема целосно усогласени историски погледи со сите свои соседи.

„Никогаш не би се осмелил да го доведам во прашање идентитетот на соседна држава. Меѓусебното прифаќање е основа за соработка“, нагласи Вајц.

Во исто време, тој потсети дека заштитата на малцинствата е дел од европските стандарди и дека внесувањето на Бугарите и на другите заедници во македонскиот Устав останува јасен услов за отворање на првиот преговарачки кластер.

Европскиот парламент го усвои извештајот за Македонија со 411 гласа „за“, 120 „против“ и 120 воздржани.

Во документот се изразува поддршка за членството на земјата во Европската Унија, но се констатира недостиг од напредок во владеењето на правото, реформата на судството и борбата против корупцијата.

Европратениците повикаа на обновена политичка посветеност, меѓупартиска соработка и усвојување на потребните уставни измени.

Во Европскиот парламент не беше прифатен амандманот на Вајц со кој се бараше бришење на ставот 73 од извештајот. Со тоа, во документот останаа референцата на Вториот протокол од Договорот со Бугарија, повикот за конкретни резултати од работата на Историската комисија и формулацијата за „заедничка историја“.

Вајц, сепак, останува на ставот дека билатералните прашања не треба да се користат за бесконечно блокирање на европската интеграција и дека одговорност за излез од застојот имаат и Македонија и Европската Унија.

Пораката од Брисел е дека дијалогот со Бугарија е неопходен, но дека Македонија истовремено мора да испорача конкретни резултати во реформите и да обезбеди политички договор за продолжување на преговорите

Најчитано