Виолета Арсовска со „Бои на душата“ го отвора Штипското културно лето

Драмскиот сопран и музички педагог Виолета Арсовска вечерва ќе го отвори 41. издание на Штипското културно лето со солистичкиот концерт „Colores del Alma“, односно „Бои на душата“.

Концертот ќе започне во 19:30 часот во Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип, а влезот за посетителите е бесплатен.

Арсовска е препознатлива по моќниот и емотивен вокал, како и по долгогодишната музичка и педагошка работа. Таа е професор по соло пеење и раководител на дувачкиот оддел во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ во Штип.

Проектот „Бои на душата“ е замислен како музичко патување низ различни емоции и вокални изрази, со кое Арсовска ќе ја внесе публиката во програмата на годинешното Штипско културно лето.

Манифестацијата ќе трае од 22 јуни до 30 јули и ќе понуди 34 културни содржини на повеќе локации низ градот. Најавени се концерти, театарски претстави, изложби, книжевни промоции и настапи на домашни и странски уметници.

Меѓу позначајните музички настани се концертите на „Влатко Стефановски трио“, Давид Темелков и „Астибо биг бенд“, како и музичка вечер посветена на Ферус Мустафов.

Во театарскиот дел се предвидени четири претстави, од кои две премиери, меѓу нив и „Чекајќи го Годо“, во копродукција на театрите од Штип, Велес, Куманово и Драмскиот театар од Скопје.

Сите настани во рамки на Штипското културно лето ќе бидат бесплатни и отворени за публиката, а за организацијата на годинешната програма Општина Штип издвои околу два милиони денари.

Најчитано