Вложил 1,1 милион долари дека нема да има киднапирање од вонземјани – заработил само 1.169 долари

Необичен облог од натпреварот меѓу Бразил и Шкотска на Светското првенство стана вирален на социјалните мрежи, откако непознат обложувач вложил повеќе од 1,1 милион канадски долари дека за време на мечот нема да се случи киднапирање од вонземјани.

Облогот бил поставен на платформата Polymarket, а вкупниот вложен износ изнесувал 1.101.141,67 канадски долари.

Обложувачот не типувал на победникот, бројот на голови или на стрелците, туку на исход кој нема никаква директна врска со фудбалот – дека ниту еден човек нема да биде киднапиран од вонземјани за време на натпреварот.

Веројатноста облогот да биде добитен била прикажана како 99,9 отсто. По завршувањето на натпреварот, на обложувачот му биле исплатени 1.102.311,06 канадски долари.

Тоа значи дека, иако ризикувал повеќе од еден милион, неговата чиста заработка изнесувала само 1.169,39 канадски долари.

Облогот веднаш предизвика реакции на социјалните мрежи, каде корисниците коментираа дека непознатото лице ризикувало огромна сума за релативно мала добивка.

На теренот, Бразил убедливо ја совлада Шкотска со 3-0 и го освои првото место во групата Ц на Светското првенство. Два гола постигна Винисиус Жуниор, а во листата на стрелците се запиша и Матеус Куња.

Бизарниот облог, сепак, привлече речиси исто внимание како и убедливата победа на Бразил, покажувајќи до каде може да оди понудата на современите платформи за предвидување.

Најчитано