Прдолжуваат превирањата меѓу власта и опозицијата, но и во редовите на владејачката коалиција околу Предлог законот за бранителите поднесен од пратеничката од опозициската СДСМ Славјанка Петровска.
По изјавата на Халил Снопче, заменик претседател на „Вреди“ дека ќе излезат од владината коалиција доколку се изгласа Законот за бранители, премиерот Христијан Мицкоски вчера на новинарско прашање, како планира ова да го реши, кусо одговори „Нека му е со среќа“.
Премиерот беше и со идентичен одговор и на прашањето за вчерашната изјава на лидерот на опозициската ДУИ, Али Ахмети, кој најавил протести и реагирал за укинување на балансерот.
– Исто така и на него имам да му порачам добро здравје и нека му е со среќа, изјави Мицкоски.
За изјавата на пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска која е предлагач на Законот за бранителите и го повика премиерот да постапи исто како и со Законот за унгарскиот заем, рече дека пратеничката Петровска не ги разбира парламентарните процедури и дека тој како личност не функционира на принципот на закани.
– Изненаден сум од еден професор, кој користи таков речник на закани. Тоа претпоставувам е негова одлука. Дали и кога ќе дојде Законот за бранителите, не знам, тоа не зависи од мене. Јас сум сепак претседател на Владата. Но, кога ќе дојде, тој ќе ја има нашата поддршка, истакна Мицкоски.
На новинарско прашање дали ќе го повика претседателот на Собранието да ја свика Комисијата за социјална политика, демографија и млади за Законот за бранителите, Мицкоски рече дека го повикува, бидејќи СДСМ тоа го бара.
Според министерот за здравство и лидер на Алијансата на Албанците Арбен Таравари, односите помеѓу партнерите во коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, каде што се Вреди и ЗНАМ, се коректни и како што вели, оваа Влада ќе продолжи да функционира. Владата, истакна тој, има подолгорочна стратегија, но потребна е почеста консултација и синхронизација меѓу партиите од власта.
Односите помеѓу Влен и ВМРО-ДПМНЕ можам да кажам дека се доста коректни. На ниво на претседатели на партии. Нормално ние имаме структури сите партии Влен и ВМРО-ДПМНЕ. Можеби имало некаде и некое помало недоразбирање што не можам да кажам истото и за ЗНАМ и за Влен. Меѓутоа, повторно, ќе кажам односите помеѓу партнерите во коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, каде што се Влен и ЗНАМ се коректни и ние се обидувавме да бидеме што посинхрони овие сто дена, меѓутоа некаде имало недоразбирања, некаде имало испади кои не биле координирани како што треба, затоа треба време за да се синхронизираме тотално и комплетно и тоа да се види и кај граѓаните. Меѓутоа, генерално можам да кажам дека очекувањата на граѓаните беа огромни од ова мнозинство, рече Таравари, кој учествува на 79.Генералното собрание на ОН.
Смета дека реакцијата на Снопче за законот за бранителите била, како што рече, како што треба, но се надева дека во владиното мнозинство ќе има координација и дека ќе се надмине „овој ситен проблем“.
-Законот за бранители веќе пет пати е изгласан од 2002 година и ова е шести пат и неверувам дека ненамерно СДСМ оваа точка за бранителите прво ја испорача во февруари 2024 година кога ги разрешуваа двајцата министри Азири и Фатмир Меџити и втор пат сега токму кога беа важни точки на дневен ред во Собранието. Како вонредна точка го поставија и законот за бранители. Генерално, мислам дека кога нешто планираме да донесеме како Влада треба да бидеме синхронизирани и известени едни од други, така што и реакцијата на господинот Снопче беше во овој правец. Значи ние не сме известени, ние начелно сме против нешто да помине без да бидеме договорени меѓу нас. Реакцијата на Снопче беше како што треба и се надевам дека ќе имаме координација меѓу нас и ќе го поминеме и овој да речам ситен проблем што ДУИ се обидува заедно со СДСМ. Мислам дека се координирани да ставаат, да подметнуваат искри во функционирањето на коалицијата во владејачкото мнозинство, рече Таравари, јави известувачот на МИА од Њујорк.
Петровска, пак, вчера изјави дека поднесениот Предлог-закон е одговор на барањата за правда и правичност оттаму што не се однесува само на припадниците на безбедносните сили од воениот конфликт во 2001, туку и на оние кои загинале извршувајќи задачи во интерес на заштитата на државата и на сите граѓани. Таа побара од пратениците од владејачката партија да го задолжат претседателот на Собранието да го примени Деловникот идентично како што тоа го направиле со задолжувањето со кредитот од Унгарија и да закаже седница на Комисијата за труд.
– Претседателот Гаши да постапи исто како во случајот со унгарскиот кредит… Тој тогаш го искористи деловничкото право и ја свика Комисијата за финансирање и буџет и назначи пратеник кој ќе ја води таа комисија. На тој начин постапката продолжи. Истото тоа го бараме да се примени и сега. Тврдам дека чекор назад е свикување на Комисијата бидејќи и претседателката на таа комисија јавно кажа дека нема да ја свика Комисијата. Доколку не биде постапено идентично, изјавите на првиот вицепемиер Меџити дека овој закон нема да биде донесен ќе бидат само потврда дека пратениците на ДМПНЕ се само бројка во Собранието без капацитет да ги исполнат ветувањата, рече Петровска.
За Предлог-законот што е поднесен во Собранието рече дека е со поширок обем отколку оној поднесен од Стојанче Ангелов од „Достоинство“.
-Тогаш предложениот предлог-закон поднесен на иницијатива на Достоинство, беше изготвен во мојот Кабинет како министерка за одбрана во координација со Стојанче Ангелов. Заради одлуката на Ангелов да направи предизборна коалиција со ВМРО –ДПМНЕ, тој Предлог-законот го поднесе како сопствена иницијатива, а не како предлог на Владата. Дури и тогаш тој Предлог-закон беше поддржан од СДСМ, рече таа.
Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева на прес-конференција во законодавниот дом од име на партијата, вчера ги повика пратениците од СДСМ кои се членови на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, да се потпишат на барањето до претседателката на Комисијата, Илире Даути од Европскиот фронт, да го стави Законот за бранителите на дневен ред.
– Ова барање е јавно предложено до пратеничката Славјанка и очекуваме одговор дали пратениците на СДСМ ќе се потпишат на истото и дали доколку претседателката на Комисијата Илире Даути не свика седница, ќе поднесат барање за нејзино разрешување или интерпелација. Заземавме став како пратеничка група да почекаме одговор до 15:30 часот денес, рече Митева.
Таа ја повика пратеничката Петровска јавно да го соопшти ставот на партијата по однос на овој предлог, во спротивно, рече, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поднесат ова барање без поддршка и потписи од пратениците на СДСМ, со што практично, како што вели, ќе се види нивната вистинска намера за политизирање.
Претседателот на „Достоинство“, Стојанче Ангелов, вчера во гостувањето во Тема на денот на Сител телевизија, оцени дека Предлог законот за бранители поднесен од пратеничката од СДСМ Петровска, е неприменлив и е политички маневар за дневно – политички цели.
-Законот е злоупотребен, маката на семејствата на загинатите бранители, кои до ден – денес не се обесштетени, маката на воените инвалиди кои до ден – денес не се обесштетени, се ставени во дневна политика, нешто што досега се избегнуваше од страна на претходната опозиција, а сегашната власт – ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи кога оваа иницијатива влезе во собраниска процедура минатата година ВМРО-ДПМНЕ не ја експлоатираше како дневна тема, рече Ангелов одговарајќи на прашањето како дојде 23 години по конфликтот од 2001-вата Законот за правата на бранителите да биде причина за иднината на владината коалиција.
Според него, доколку била искрена во намерите најдобро би било таа да го предложела истиот закон кој остана заглавен во собраниска процедура уште во преходниот парламентарен состав, оти со сегашниот предлог таа создала проблем каде го нема, бидејќи загинатите од Диво насеље, посочи, веќе биле обесштетени. Како недостаток на предлогот на Петровска, тој го посочи и тоа што тој е неспроведлив, бидејќи, вели, дефиницијата на припадници на вооружени сили во член 2 од Предлог законот ги исклучува загинатите во хеликоптерските и во авионската несреќа, за кои треба да се најде одвоено решение.
Тој го оцени како добар предлогот на пратеничката Митева од ВМРО-ДПМНЕ, која ги повика пратениците од СДСМ кои се членови на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, да се потпишат на барањето до претседателката на таа Комисија, Илире Даути од Европскиот фронт, да го стави Законот за бранителите на дневен ред. Ангелов смета дека решение не е да се побара повлекување на овој предлог закон, и да поднесат нов, бидејќи, вели, тоа може да биде протоколкувано погрешно, туку смета дека треба да се остави и покрај недостаоците и доколку помине комисиски филтер, во собраниска дебата да се интервенира за негово подобрување.
Претседателот на „Достоинство“ изрази и осуда за, како што рече, острите изјави на потпретседателот и министер за екологија Изет Меџити против законот за бранителите. Тој кажа оти смета дека Меџити ја лаже јавноста со изјавата дека имало договор во владината коалиција ова законско решение да останело блокирано.
-Мислам дека ја лаже, јас внимателно го слушав денес премиерот. Од премиерот имаме искрена поддршка, времето ќе го покаже тоа, вели претседателот на „Достоинство“, Стојанче Ангелов.
Од политичката партија „Левица“ порано најавија дека ќе поднесат кривична пријава против претседателот на Собранието Африм Гаши, бидејќи иако имал можност да ја свика седницата на собраниската Комисија за труд и социјална политика, демографија и млади на која треба да се разгледа Предлог-законот за бранители, тоа не го сторил.
Претседателот на Собранието Африм Гаши, пак, тврди дека не го прекршува Деловникот за работа и дека ингеренциите се кај претседателката на собраниската Комисија.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити изјави дека Предлог-законот за бранители ќе остане заглавен во Собранието. Тој во интервју за „Радио Слободна Европа“, рече дека не е добро за државата еден од приоритетите да биде носењето на ваков закон.
– Ние имаме конечен став дека не е добро за процесите и за државата и не е во приоритетите да се донесе таков закон. Тој сега е заглавен во Комисијата што ја води Илире Даути и очекуваме дека таму и ќе остане, вели Меџити.
На прашањето дали условот за да дадат поддршка на ова законско решение е паралелно да се донесе и закон за привилегии на припадниците на ОНА, Меџити со став дека целата работа со овој закон е смислена од претходната власт.
– Дилемата и прашањето е зошто СДСМ кој до вчера се бореше со граѓански концепт, кој направи резултат и со албански гласови, има видни членови Албанци и во нивните структури, зошто не направи ништо за ова додека беше на власт последните осум години? И зошто баш сега имаат предлог за бранителите? Ова мислам дека е дневна политика и оди во функција на дестабилизација на процесите и на државата. Значи, синхронизирани се со ДУИ, само за да не одговараат, вели Меџити.
Портпаролот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Никола Мемов, вчера запрашан дали носењето на Законот за бранителите може да влијае врз стабилноста на владината коалиција, рече дека овој политики субјект е гарант за стабилноста на владата и така ќе остане во текот на целиот мандат, додека се учесници во Владата.
-Тоа значи дека ние го гарантираме стабилното владино мнозинство во владината коалиција кога станува збор за националните прашања на македонскиот народ. Ние ќе го поддржиме законот. Тоа е наш став, уште претходно кажан, рече Мемов на прес-конференција.
Мемов потенцира дека овој закон можел да биде донесен.
– Сакаме да потенцираме дека СДСМ ја испушти можноста, додека беше на власт, да го понуди овој Закон за бранителите и додека беа на власт можеше да се донесат сите тие решенија, меѓутоа од февруари го стопираа во собраниска процедура и сега СДСМ подметнуваат кукавички јајца во Собранието, наведе портпаролот Мемов.
Предлог-законот за бранители е во собраниска процедура и треба да се носи по скратена постапка, но е заглавен во Комисијата за социјална политика, демографија и млади бидејќи претседателката на Комисијата Илире Даути од редовите на Европскиот фронт предводен од ДУИ, не закажува седница.