оналд Трамп е обвинет од големата порота на Менхетен, историски чекор по долгогодишни истраги за неговите лични, политички и деловни зделки. Тоа истовремено е и ненадеен потрес во неговиот обид да се врати во Белата куќа.
Точната природа на обвиненијата се уште е нејасна бидејќи обвинението е се уште запечатено, но тие произлегуваат од плаќањата направени за време на претседателската кампања во 2016 година за да се замолчат тврдењата за вонбрачни сексуални средби на Трамп со „жени со сомнителен карактер“.
Обвинителите рекоа дека работат на координирање на предавањето на Трамп, што би можело да се случи на почетокот на следната недела. Тие не кажаа дали имаат намера да бараат затворска казна во случај на осуда, развој што нема да го спречи Трамп да бара и да ја преземе претседателската функција.
Обвинението, прво против поранешен претседател на САД, е „обвинителска инјекција“ во срцето на претстојната претседателска трка и почеток на кривична постапка во градот што поранешниот претседател со децении го нарекуваше дом. Оваа уникатна ситуација се случува во време на длабоки политички поделби, при што се проценува дека обвиненијата најверојатно ќе ги заострат наместо да ги преобликуваат перспективите на двобојот меѓу оние кои сметаат дека одговорноста е одамна задоцнета и оние како Трамп, кои сметаат дека тој е мета на политички отстрел од страна на обвинителот – демократ.
Трамп негира дека сторил нешто лошо и го нарече обвинението „политички прогон“. Ние енергично ќе се бориме на суд против ова политичко обвинителство, рече тој.
Портпаролот на канцеларијата на окружниот обвинител на Менхетен го потврди обвинението и рече дека обвинителите се обратиле до тимот за одбрана на Трамп за да го координираат предавањето. Портпаролот рече дека Трамп „веројатно“ ќе се предаде во вторник.
Асошиетед прес наведува дека од Трамп било побарано да се предаде денес, но неговите адвокати рекле дека на Тајната служба и треба дополнително време додека се подготвуваат за безбедноста на Трамп додека се предава, изјавија за Асошиетед прес две лица запознаени со ова прашање.
Случајот против Трамп содржи детални наводи од периодот во 2016 година кога неговото славно минато се судри со неговите политички амбиции. Обвинителството со месеци ги испитуваше парите исплатени на порно актерката Сторми Даниелс и поранешната манекенка на Плејбој, Карен Мекдугал, за кои се плашеше дека ќе излезат во јавноста со тврдења дека имале вонбрачни сексуални средби со Трамп.
Времето на покренување на обвинението ги изненади во таборот на Трамп кој наголемо веќе води кампања за претседател, бидејќи тие мислеа дека има уште неколку недели до кривичните обвиненија. Обвинението го затекна поранешниот претседател во Мар-а-Лаго, неговиот раскошен имот на Флорида, каде се забавуваше со пријателите и соработниците и даваше интервјуа за неговото повторно кандидирање.
Обвинението против Трамп како прво против преседател на САД освен што е преседан ќе биде и досега невиден спектакл. Од безбедносни причини, се очекува неговото предавање на властите да биде внимателно планирано, со прецизна кореографија за да се избегне гужва внатре или надвор од судската зграда.
Обвинението, исто така, значи дека Трамп ќе мора истовремено да се бори и за својата слобода и за својата политичка иднина. Трамп може, од друга страна, да се соочи и со потенцијално поопасни правни закани, вклучително и истраги за неговите обиди и на неговите сојузници да ги поништат претседателските избори во 2020 година, како и за собирањето на стотици класифицирани документи и нивно носење дома.
Покрај ова обвинение во Њујорк, Трамп продолжува да се соочува со долготрајни истраги и во Атланта и Вашингтон, кои исто така може да резултираат со обвиненија. За разлика од тие истраги, случајот на Менхетен се однесува на наводите против Трамп што се случија пред тој да стане претседател и не се поврзани со неговите обиди да ги поништи изборите во 2020.
Обвинението доаѓа во критичен момент додека Трамп се обидува да ја врати контролата врз Републиканската партија и да спречи мноштво некогашни сојузници да ја загрозат неговата кандидатура за претседателска номинација. Очекуваниот водечки ривал во трката, гувернерот на Флорида, Рон Де Сантис, во изјавата синоќа го нарече обвинението нетипично за Америка притоа одбегнувајќи да го спомне името на Трамп.
Случајот со подмитувањето на проститутката од страна на Трамп претходно го истражуваа две групи обвинители, но и двете одбија да го преземат големиот политички чекор и да подигнат обвинение против Трамп.
Судбината на истрагата изгледаше неизвесна сè додека на почетокот на март не се дозна дека Трамп е повикан да сведочи пред големата порота, што беше сигнал дека обвинителите се блиску до покренување обвиненија. Адвокатите на Трамп ја одбија поканата, но адвокат кој е во тесна соработка со поранешниот претседател сведочеше во обид да го намали кредибилитетот на обвинението.
Самиот Трамп изрази очекување дека наскоро ќе биде обвинет, објавувајќи изјава на почетокот на овој месец во која предвиде неизбежно апсење и повика на протести. Тој не го повтори тој повик вчера, но полицијата во Њујорк мобилизираше 36.000 полицајци да бидат целосно подготвени да одговорат на какви било потенцијални протести или немири.
Плаќањата за замолчување биле извршени од страна на адвокатот на Трамп а по налог на Трамп со цел додека траеше претседателската кампања да не се дознаат неговите вонбрачни излети.
Во постапката што се водеше против адвокатот беше наведено дека Трамп знаел за аранжманите но американските обвинители во тоа време се откажаа од покренувањето обвиненија против него. Министерството за правда има долгогодишна политика против покренување обвинение против актуелен претседател.
„Кривичните обвиненија во Њујорк се најновите „пукотници“ во длабокиот раскол меѓу Трамп и неговиот роден град – пресметување со некогашниот омилен син кој се збогатил и славно градел облакодери, се дружел со познати личности и ги полнеше страниците на жолтиот печат во градот“, коментира Асошиетед прес.
Трамп, кој во 2016 година славно изјави дека „може да застане на средината на Петтата авенија и да пука во некого“ и „нема да изгуби гласачи“, сега се соочува со најголемата закана за неговата слобода.
Извор: Асошиетед прес / пренесува НоваТВ
Tags: Доналд Трампобвинет