-Ако Путин не биде поразен, ќе започнат нови освојувачки војни, британскиот министер за надворешни работи Дејвид Леми изјави за новинарите пред седницата.
Советот за безбедност на ООН синоќа одржа специјална седница одбележувајќи го 1.000-от ден од почетокот на војната на Русија против Украина. Освен 15-те членки на Советот за безбедност, на седницата учествуваа и претставници од Чешка, Италија, Ирска, Германија, Полска, Литванија, Романија и Турција – што сведочи за тоа колку сериозно меѓународната заедница ја сфаќа континуираната руска агресија во Украина, јави Гласот на Америка.
Заменикот на генералниот секретар на ООН за политички прашања, Розмари Дикарло, посочи на високата цена на оваа војна: досега се убиени 12.164 цивили, вклучително и 600 деца; 26.871 цивили се ранети.
„Реалниот број на убиени, најверојатно, е многу повисок. Бројот на цивилни жртви значително се зголеми во изминатите месеци. Во октомври и ноември беше забележан најголем број напади со ракети и дронови. Русија минатиот викенд изврши еден од најголемите напади досега, користејќи 120 ракети и 90 дронови, со цел напад врз енергетската инфраструктура низ сите региони на Украина, што резултираше со масовна деструкција и жртви.