Европската Унија во понеделникот ја отфрли идејата за суспендирање на политичкиот дијалог со Израел поради кршење на човековите права во Газа. Предлогот беше изнесен од високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност во заминување Жозеп Борел. Неколку дена пред крајот на неговиот мандат тој предупреди: „Историјата на крајот ќе ни суди на сите нас“.
За време на неговата мрачна изјава на последен состанок со министрите за надворешни работи Борел рече дека „повеќе нема зборови“ за да ја опише кризата во Блискиот Исток. На прес-конференцијата по состанокот тој изјави дека за жал мнозинство од 27-те земји членки на Европската Унија, очекувано, го отфрлиле неговиот предлог за прекин на дијалогот со Израел поради војната во Газа.
Едвај прикривајќи ја фрустрацијата поради недостигот на влијание на ЕУ врз израелско-палестинскиот конфликт за време на неговиот петгодишен мандат, Борел претходно рече дека „веќе нема зборови за да објасни што се случува“.
– Ова е војна против децата, изјави 77-годишниот шеф на надворешната политика на ЕУ пред медиумите по Советот за надворешни работи на ЕУ. Тој говореше за „апокалиптична ситуација во Газа, каде што 70 проценти од бројот на жртви се деца и жени“ и два милиони лица се присилно раселени. Борел. исто така, го напомена страдањето на израелските заложници киднапирани од Хамас и другите милитантни групи по нападите врз Израел на 7 октомври 2023 година.
– Повеќето од земјите членки сметаа дека е многу подобро да продолжат да имаат дипломатски и политички односи со Израел, потврди Борел.