Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мицкоски за уставните измени: Нема да бидеме жртва на билатерализација на процесот за членство во ЕУ

Ние нашите црвени линии ги дефиниравме. И од тоа ниту ние, ниту кој било ќе се помести, ниту милиметар. Не затоа што имаме какви било причини за да правиме напред или назад, туку едноставно доволно граѓаните на Македонија и македонскиот народ отстапивме, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

„Нема да бидеме жртва на билатерализација на процесот на приклучување на Македонија кон ЕУ. Ние кажавме што можеме да направиме и тоа е максимумот што можеме да го направиме. И тоа е кажано на сите светски фактори, на сите луѓе коишто одлучуваат генерално или имаат некаква улога во светската политика“, потенцираше Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за изјавата на Александар Николовски дека за уставните измени треба да се убеди Франција и дали има комуникација со франскиот претседател Емануел Макрон. 

Потсети дека ние имаме комплетно иста усогласена меѓународна и одбранбена политика со ЕУ.

„Тука е министерот за надворешни работи и надворешна трговија, пред неколку дена потпиша Договор со господинот Борел. Реформите ги водиме комплетно согласно барањата од ЕУ. Работиме се во согласност со ЕУ. Ако ЕУ, сака да биде заложник на некои земји – членки во процесот на билатерализација, во ред, и тоа го разбираме. Нека не остават да си ги завршиме домашните задачи, проблемите дома да си ги решиме. Не сме ние опасност никому“, потенцираше премиерот Мицкоски.

Ние, рече тој, само сакаме да не остават дома да си ги решиме проблемите.

„Се имаме направено, се што треба направивме. Ако оние мислат дека ние треба дополнително себе да се понижуваме, уништуваме идентитетски, и никогаш да не бидеме таму каде што треба, во ред. Тоа е нивно право. Ги разбираме, во ред. Одлучиле да бидат заложници на луѓе коишто живеат во средниот век, а не гледаат напред. Тоа е нивна одлука. Нека не остават да си ги решиме домашните проблеми. Нас не интересираат инвестиции, повеќе вработени, добро платени вработени. Се ќе се усогласиме согласно европските регулативи. Не сме ние опасност никому. Нема веќе никакво влијание, овде има европско влијание“, рече Мицкоски. 

Ние сме, рече тој, земја – членка на НАТО и не постои друго влијание.

Зачлени се на нашиот е-билтен