Со денешното Толкување на Законот за надворешни работи, Собранието создава услови за отповикување на десетина амбасадори. Меѓу нив, Андреј Жерновски од Букурешт, Мето Белески од Брисел, Пајо Авировиќ од ОБСЕ, Емил Крстевски од Прага, Агнеза Руси од Софија, Зеќир Рамчиловиќ од Подгорица и други.
Сите тие заминаа на извршување на должноста без презентација на програмата пред собраниската Комисија за надворешна политика.
По предлог на Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, Собранието усвои две автентични толкувања на одредби од Законот за надворешни работи. Првото е за задолжителноста на презентацијата на програмата пред надлежната собраниска комисија.
Изминатите години, повеќе амбасадори заминаа на функција откако претседателот на комисијата Антонио Милошоски одбиваше да ги стави нивните презентации на дневен ред.
Второто автентично толкување е можноста Владата по предлог на министерот да го отповика амбасадорот пред да наврши 4 години.
Опозицијата се спротивстави со тврдење дека ова значи креирање нови законски решенија без менување на законот, што внесува правна несигурност.
Оливер Спасовски од СДСМ рече дека власта настојува „на мала врата“ да си го толкува и да си го менува законот, внесувајќи нов услов за разрешување амбасадори.
Сали Мурати од Европскиот фронт смета дека се случува „опасен преседан“ на менување на суштината на законот и побара широка дебата за ваквата идеја.
И покрај ваквите укажувања, мнозинството пратеници ги изгласа двете автентични толкувања на Законот за надворешни работи.