По силната реакција на граѓаните за покачените цени во маркетите на дел од основните прехранбени производи, денеска се јави премиерот Христијан Мицкоски. Тој најави робусна акција против ‘триковите на трговците за зголемените цени по маркетите’, бидејќи ‘добивал информации дека некои од маркетите шпекулираат со цените’.
Од СДСМ, пак, велат дека Мицкоски е автор на огромната кражба на граѓаните во маркетите и го повикаа да признае дека ‘во договор со трговците ги оставил со месеци да ги покачуваат цените’. Додаваат дека ‘новогодишната кошничка’, доживеала целосен дебакл.
„Планот на Мицкоски, на кој СДСМ укажуваше, конечно се потврди. За ова Мицкоски мора политички да одговара. Какви робусни акции какви глупости, кога досега не спроведе ништо? ‘После свадба тапани’. Пред само три дена министрите од неговата Влада беа во маркетите и лажеа дека цените се намалени. Сега ќе побара ли Мицкоски одговорност од нив? Мицкоски не го прифати предлогот на СДСМ за укинување на ДДВ на храна и реалните мерки кои ќе ги намалеа цените, а единствената причина за тоа што не сакаше да има реални мерки, туку пропагандни налепници во маркетите да ги залажува луѓето“, велат во СДСМ.
Премиерот Мицкоски најави дека од Државнит пазарен инспекторат ќе побара детална анализа како е покачена цената на овие прозводи.
„Нека не мислат дека со трикови ќе ја надмудрат владата. Жестоко ќе се справиме со нив, нема такви кои со трикови ќе нè надмудрат. Јас апелирам до големите трговски синцири да се преиспитаат“, рече Мицкоски.
Од опозициската партија пак, велат дека ‘со амин на Мицкоски, трговците ги качија цените и конечно да престане да ги лаже граѓаните. Касно е за префрлање на вината’.
Функционерите од власта веќе пазареа во скопски маркети пред камери за да ја убедат јавноста дека има реално намалени цени во рамки на „новогодишната кошница“.