Обвинителството денеска достави мислење до судот во кое се согласуваат со ставот на одбраната дека во случајот „Организатори на 27 април“, треба да биде применет законот за амнестија од 2018 година. Ова значи дека поранешните министри во Владата на Никола Груевски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и екс спикерот, Трајко Вељановски би можеле да бидат ослободени од обвинение за овој случај. Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција информираат и дека кај еден од обвинетите, Владимир Атанасовски, нема да може да се примени овој правен институт, бидејќи за истиот важат исклучоците од амнестијата
„Во мислењето се истакнува дека барањето на одбраната на обвинетите за примена на законот не може да се спори, дотолку повеќе ако се земат предвид обвинетите и осудените што веќе се амнестирани. Ваквото мислење јавниот обвинител детално го образложи, пред сѐ имајќи ги предвид обележјата на кривичното дело „Терористичко загрозување на уставниот поредок“ и својството во кое секој од обвинетите ги исполнил тие обележја, а кое својство е клучно за оценка дали може или не може да се примени институтот од Законот за амнестија“, велат од ОЈО ГОКК.
Според одбраната на обвинетите пак, останува нејасно зошто обвинителството не побарало примена на законот за амнестија уште од самиот почеток на овој процес пред првостепениот суд.
„Она што е суштинскиот дел од ова произнесување на обвинителството е дека истите се согласуваат дека постојат правни пречки за оваа постапка да може да се води, кои правни пречки произлегуваат од законот за амнестија од 2018 година. Тоа во суштина значи дека уште во време кога овој обвинителен акт е поднесен овие правни пречки биле на сила, но зошто истите не се применети тоа останува да се види од друите институции дали е тоа нечија желба, политички потреби, тоа ќе треба да го расчистите“, нагласи Еленко Миланов адвокат.
Следното рочиште за овој случај е закажано за 23 јануари, кога, како што потврдија од кривичен, судечкиот совет на чело со судијата Илија Трпков ќе треба да одлучи по барањето на странките и мислењето на обвинителството. Како што дознаваме, се очекува судот да донесе одлука за уважување на примената на законот за амнестија и тројца од вкупно четворицата обвинети да бидат ослободени. Случајот „Организатори на 27 април“, кој привлече големо внимание во јавноста , се однесува на обвиненијата за терористичко загрозување на уставниот поредок против поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, против поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, како и против поранешниот претседател на Собранието, Трајко Велјаноски. Апелацискиот суд во април годинава ја укина првостепената пресуда од јули 2021 година, со која поранешниот спикер во собранието Вељаноски беше осуден на шест и пол години затвор, екс министрите Јанакиески и Ристовски добија казна од 6 години и три месеци затвор, додека поранешниот директор на УБК Атанасовски шест години затвор, а предметот беше вратен на повторно судење.