Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Од Груби девет дена нема глас, само шпекулации дека е во близина на Драч

Шпекулации за престојот на Артан Груби во близина на Драч отворија нови прашања за местото каде би можел да се засолни. Според поранешен пратеник, во околината на Драч, но и на други места на албанското крајбрежје, многу политичари од Северна Македонија имаат апартмани, а Груби би можел да има имот таму или да се засолни кај некој од нив.

Според неделникот „Фокус“, бизнисменот и почесен конзул на Косово во Македонија, кој бил во возилото со Груби при неговиот излез од Македонија, на 15-ти декември дал исказ во полицијата дека го одвезол Груби до Тирана, каде заедно пиеле кафе, а потоа го оставил во хотел во близина на стадионот. Иако не беше познато каде точно ќе престојува, медиумите повикувајќи се на неофицијални информации, наводно потврдиле дека Груби престојува во Хамалај, село на албанското крајбрежје.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во јавните изјави нагласи дека не може да потврди никакви информации за престојот на Груби, бидејќи соседните земји не доставиле официјални податоци. Тој исто така нагласи дека не би шпекулирал за овие прашања додека не се комплетира истрагата. Истрагата се однесува на околностите во кои Груби ја поминал границата, а полицијата открила пропуст во евидентирањето на неговото патување.

Во меѓувреме, медиумите во Албанија ги пренесуваат шпекулациите кои кружат во македонските медиуми за неговото можеби присуство во Албанија, но не се забележува значајна медиумска љубопитност во врска со неговиот престој. Според некои аналитичари, особено оние наклонети кон ДУИ, се подгреваат надежи дека новата администрација во САД, под раководство на Доналд Трамп, може да донесе промени во политичките односи во регионот и да ја преиспита позицијата на Груби.

„Во близина на Драч, многу наши политичари имаат имоти“, истакнува поранешниот пратеник, додавајќи дека ова може да биде одговор на прашањето каде Груби може да престојува ако навистина е таму. Во минатото, многу Македонци, вклучувајќи и политичари, купувале апартмани по многу поволни цени, а сега тие имоти вредат многу повеќе. Поранешниот пратеник додава дека и да нема свој имот таму, Груби сигурно има пријатели кои би му обезбедиле место за престој.

Во контекст на неговото бегство, продолжуваат меѓупартиските обвинувања. Од СДСМ тврдат дека обидите на ВМРО-ДПМНЕ да ја манипулираат јавноста околу Груби се обид да се одврати вниманието од вистинското прашање: зошто министерот за внатрешни работи не спречил неговото бегство. Од ВМРО-ДПМНЕ пак, реагираат дека СДСМ знаел за криминалот на Груби, но не го процесирал, и го обвинуваат за прикривање на неговите активности.

Зачлени се на нашиот е-билтен