Во изминатите шест месеци минималната плата не порасна а просечната плата стагнира, укажа Филипче и рече дека ВМРО-ДПМНЕ целосно го напушти добро воспоставениот систем за раст на платите на СДСМ со кој ги пребродивме сите кризи, истакна претседателот на СДСМ Венко Филипче на прес конференција по повод шест месеци откако ВМРО-ДПМНЕ раководи со Владата.
„Замислете каква иронија, денес откако кризите се зад нас, се живее полошо од изминатите седум години кога поминавме три последователни економски кризи. Е толку е способноста на ВМРО-ДПМНЕ и толку се грижи за стандардот на граѓаните“, нагласи претседателот на СДСМ.
Власта, смета Филипче, манифестираше само огромна ароганција и покажа неспособност не само да одговори на потребите на луѓето туку и да препознае што е издржан предлог за доброто на граѓаните, макар тој доаѓал и од опозицијата.
„Сите предложени мерки кои директно би го подобриле животот на нашите сограѓани – укинување на ДДВ за основните производи, зголемување на минималната плата, зголемување на платите власта ги одби со невидена тврдоглавост. Денеска граѓаните веќе ги чувствуваат последиците од нивните погрешни одлуки“, рече Венко Филипче.
Тој посочи дека за Буџетот, ниту еден амандман предложен од опозиција не беше прифатен а последиците од оваа арогантност допрва ќе ги почувствуваат граѓаните.
Филипче предупреди дека „Владата планира да ги понижува работниците со укинување на ‘Недела неработен ден’, политика која е повторно по барање на трговците и бизнисот“.
„Со ова, еден од најзначајните проекти на СДСМ со кој стотици илјади вработени добија гарантиран слободен ден со семејствата може да биде укинат. Дополнително, се заговара зголемување на старосната граница за пензионирање и покачување на ДДВ на 19,5%. Мерки кои ќе значат уште еден удар и буквално нокаут за граѓаните и работниците“, истакна Венко Филипче.
Почитувани граѓани, во овие шест месеци владата нема ниедна мерка и ниедна политика која реално носи некаква економска придобивка за граѓаните, а сите политики се во насока на ограничувањето на стекнатите права на работниците. Ова е поразителен факт за сегашноста во која живееме, рече Филипче на прес конференцијата.