Покрај партизацијата, во изминатите шест месеци јавниот простор е затруен со етнички теми и наративи и поделби, издвои на прес конференцијата Филипче и рече дека таа стратегијата на ДУИ за подигање етнички тензии СДСМ остро ја осудува и дека тоа впрочем најмногу му одговара на ВМРО-ДПМНЕ и нивните сателити во власта.
„Наводниот конфликт меѓу нив е всушност љубовната кавга која ни ја сервираат како перманентна дестабилизација. Оваа политика има само една цел, да ги оттргне граѓаните да мислат на реалните проблеми. Ќе им се полнат главите со омраза и поделби додека им се празнат џебовите од страна на власта. Ќе се отвораат стари рани и стари прашања за граѓаните да гледаат назад наместо да гледаме напред. Но оваа политика, секогаш, порано или подоцна, е силно поразувана. Така ќе биде и овој пат, но се надевам дека многу порано граѓаните ќе го разберат тоа“, истакна Филипче на прес конференцијата.
За Филипче Мицкоски и мегафоните само упорно се обидуваат да ја одржат во живот пропагнданата мантра СДС-ДУИ.
„Може слободно да ја прогласат за умрена“, рече претседателот на СДСМ на прес конференцијата по повод шест месеци од владата на ВМРО-ДПМНЕ.