Иако пред само неколку дена министерот за економија Бесар Дурмиши прошета по маркетите за да ги види цените од „Новогодишната кошничка“ сепак денеска инспекциите ќе го проверуваат движењето на цените на основните прехранбени производи, а Анализите на Државниот пазарен инспекторат ќе покажат колкаво е поскапувањето на производите што не се опфатени со акцијата „новогодишна кошница“.
Дурмиши, неговиот заменик Марјан Ристески и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, по посета на маркетите пред неколку дена во Скопје оценија дека цените на производите од новогодишната кошница што почна на 15. месецов се намалени за 10 проценти и повеќе.
Државниот пазарен инспекторат, пак, како што соопшти директорот Влатко Стојаноски, регистрирал ситни забелешки во однос на означувањето на производите и ситни корекции кај цените на два-три трговски субјекти. Инспекторите не регистрирале отстапување од договореното за поевтинување на производите за 10 проценти во однос на нивната најниска цена во последните 30 дена пред почетокот на акцијата.
Листата со производи од акцијата, како што соопштија, од стартните 600 надминала 1.100 и е отворена.
Дурмиши пак денеска ги повика трговците да покажат општествена одговорност и да ги коригираат цените на основните производи во периодот на празниците. „Доколку трговците не постапат соодветно, ќе бидеме принудени да донесеме одлука за замрзнување на цените или маржите“, изјави тој.
Министерот остро го критикуваше покачувањето на цените на основните производи како што се масло, леб, млеко, шеќер, јајца и сол, што ги користат граѓаните секојдневно. „Тоа што трговците добија можност да намалат цени на некои производи, не значи дека треба да надоместуваат со драматично зголемување на цените на други производи“, рече Дурмиши.
Тој потсети дека целта на акцијата „новогодишна кошница“ е да се намалат животните трошоци за граѓаните преку самоиницијативно намалување на цените на најпотребните производи. Според него, првите денови на акцијата биле успешни, со над 10% намалување на цените кај одредени производи.
Сепак, ова не важи за останатите основни прехранбени производи, чии цени значително пораснале. Премиерот Христијан Мицкоски претходно денеска изјави дека цените на некои продукти скокнале и до 25%.
Владата останува на ставот дека општествената одговорност е неопходна во вакви периоди и дека евентуалното замрзнување на цени или маржи ќе биде последна мерка, ако трговците не реагираат соодветно.
С.Т.