Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Во годишното обраќање, претседателката Сиљановска Давкова ја повика ЕУ да направи храбар исчекор за реунификација на регионот

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска во своето годишно обраќање во Собранието повика оти е време за храбар ЕУ исчекор, по примерот на оној од 2004 година, што, како што нагласи ќе означи реунификација, односно реинтеграција на регионот во ЕУ.  

-Балканот е природен дел на Европа: географски, историски и културно. Европската идеја е уникатна политичка филозофија подржана од сите политички актери, партии, но и граѓани во регионот. ЕУ членството ќе биде моќен мотив за демократски промени во регионот, што трајно ќе оневозможи закана и дестабилизација од фрустрираните националисти и ќе гарантира траен мир, истакна Сиљановска Давкова. 

Таа нагласи дека целосната интеграција на Балканот во ЕУ ќе стави крај на бескрајното прекројување на границите, а со тоа и крај на балканизацијата како феномен, бришејќи ги границите меѓу балканските држави. 

Претседателката истакна дека Западниот Балкан не е никаков проблем за апсорбциониот капацитет на Унијата.

-Укажувам на логиката на ЕУ доктрината  „единство на различности“,  како нејзин modus vivendi, која не може да важи само за нејзините членки, туку и за кандидатитете, па и за кандидатите за кандидати. Во спротивно, ниту има преговори, ниту разговори. Има еврократија изразена во  формулата: „слушај, молчи и извршувај“ оти имам неограничено право на вето, нагласи претседателката. 

За неа, како што посочи, ЕУ е сеуште најпосакуваниот демократски политички систем и дом. 

Искрено, продолжи претседателката, по децениско отуство на стратегија за регионот, во Планот за раст и во реформските агенди, а особено во нашата Реформска агедна, препознавам стратешки пристап, но и конкретни реформи со рокови и финансии, со што се гарантира и стимуира процесот од обете страни.

-Токму затоа, не смееме да дозволиме ни тие, ни ние, наместо на реализирање на стратешките цели и предизвици и на реформите, енергијата и времето да ги насочиме кон историјата, согласно Заклучоците на Советот и протоколите, односно записниците. Ако зборуваме за Pacta sun servanda”, да посочам дека во Договорот за добрососедство и пријателство нема ниту еден збор за уставни измени, нагласи претседателката во своето годишно обраќање во Собранието.

Зачлени се на нашиот е-билтен