Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Филипче: Власта покажа само ароганција и неспособност, без чувство за потребите на граѓаните

Економските политики на Мицкоски се политики за елитата. 99% од граѓаните плаќаат за 1% од елитата на Мицкоски. Оваа потчинетост и слугување на своите бизнис партнери и на трговците е поразителна. Мицкоски лично дозволи трговците да печалат на маката на луѓето“, истакна претседателот на СДСМ Венко Филипче на прес конференција по повод шест месеци откако ВМРО-ДПМНЕ раководи со Владата.

Филипче посочи дека после шест месеци, едно е сигурно, се чуствува голема економска несигурност и слабеење на стандардот на граѓаните.

„Сметките растат, цените растат, а Владата со лажни кошнички и измами се обидува да ги излаже луѓето дека со нешто им помага. Реалноста е сосема друга од онаа која ни ја презентира Мицкоски, а граѓаните тоа најдобро го знаат кога ги отвараат паричниците. За жал, оваа Нова година тие ќе ја дочекаат многу поскромно и понесигурно“, оцени Филипче.

Доцна е, смета лидерот на СДСМ, Мицкоски ја префрла вината за овој дебакл и грабеж на трговците и да глуми загрижен политичар. „На оваа тема веќе никој не му верува“.

Мицкоски вели срамота било тоа што го правеле трговците, рече Филипче, а, всушност, тој го договори токму ова со нив и молчеше додека сите ние алармиравме. Мицкоски лично рече дека со апели, а без казни ќе убедуваат трговците да го почитуваат договореното.

Во изминатите шест месеци минималната плата не порасна а просечната плата стагнира, укажа Филипче и рече дека ВМРО-ДПМНЕ целосно го напушти добро воспоставениот систем за раст на платите на СДСМ со кој ги пребродивме сите кризи.

„Замислете каква иронија, денес откако кризите се зад нас, се живее полошо од изминатите седум години кога поминавме три последователни економски кризи. Е толку е способноста на ВМРО-ДПМНЕ и толку се грижи за стандардот на граѓаните“, нагласи претседателот на СДСМ.

Власта, смета Филипче, манифестираше само огромна ароганција и покажа неспособност не само да одговори на потребите на луѓето туку и да препознае што е издржан предлог за доброто на граѓаните, макар тој доаѓал и од опозицијата.

„Сите предложени мерки кои директно би го подобриле животот на нашите сограѓани – укинување на ДДВ за основните производи, зголемување на минималната плата, зголемување на платите власта ги одби со невидена тврдоглавост. Денеска граѓаните веќе ги чувствуваат последиците од нивните погрешни одлуки“, рече Венко Филипче.

Тој посочи дека за Буџетот, ниту еден амандман предложен од опозиција не беше прифатен а последиците од оваа арогантност допрва ќе ги почувствуваат граѓаните.

Филипче предупреди дека „Владата планира да ги понижува работниците со укинување на ‘Недела неработен ден’, политика која е повторно по барање на трговците и бизнисот“.

„Со ова, еден од најзначајните проекти на СДСМ со кој стотици илјади вработени добија гарантиран слободен ден со семејствата може да биде укинат. Дополнително, се заговара зголемување на старосната граница за пензионирање и покачување на ДДВ на 19,5%. Мерки кои ќе значат уште еден удар и буквално нокаут за граѓаните и работниците“, истакна Венко Филипче.

Филипче рече дека во овие шест месеци владата нема ниедна мерка и ниедна политика која реално носи некаква економска придобивка за граѓаните, а сите политики се во насока на ограничувањето на стекнатите права на работниците. Ова е поразителен факт за сегашноста во која живееме.

„Истовремено, не ги намалија функционерските плати, туку сега ја сменија плочата од кампањата и велат тие немале да растат. И се ова, почитувани граѓани, е заради една единствена причина. ВМРО-ДПМНЕ никогаш не се грижеле реално за граѓаните и нивниот животен стандард туку само за бизнис интересите и нивните бизнис поддржувачи. Ова е историјата која брутално се повторува“, посочи венко Филипче.

Тој укажа дека „нема ништо и од ветувањата за ефикасна реализација на проекти и реформи. Како влада која најавуваше фуриозен старт, нашата анализа покажува дека реализација на програмата за првите шест месеци е 1%. Фуриозна неспособност може да се забележи во однос на проекти и реформи во сите сектори кои се од значење за граѓаните. Здравството тоне, има катастрофални резултати во однос на смртноста на деца, образованието се води без никаков концепт, а Мицкоски продолжува да фрла лопати на инвестиции кои се договорени и реализирани до СДСМ“.

Во изминатите шест месеци, партизацијата добива епидемиски размери. ВМРО-ДПМНЕ ја заробува државата и клучните институции во судството и безбедноста, потенцираше претседателот на СДСМ на прес конференцијата по пово шест месеци од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

„АНБ е веќе партиска институција на ВМРО-ДПМНЕ со поставувањето на целосно нелегитимниот директор без никакви квалификации. Сите нови избрани судии откако е Мицкоски на власт се негов личен избор. Судии стануваат братучеди, партнери или сопружници на негови градоначалници. Во граѓанскиот совет на надзор на комуникациите се поставени луѓе кои имаат партиски книшки на ВМРО-ДПМНЕ во задниот џеб“, истакна Филипче.

Тој потсети дека уште по првите чекори на оваа Влада од СДСМ најавија дека ВМРО-МВРО се враќа, но вчерашанта најава дека Владата планира да го распушти Судскиот совет, односно да разреши пет членови е чекор кон целосна контрола врз судството.

„Ова СДСМ нема да го дозволи, ова ќе значи газење на демократијата и враќање кон мрачните времиња на политички прогон“, рече Филипче. „Овој потег на Владата е целосно спротивен на сите реформи и на она што Мицкоски го потпиша во планот за раст пред само неколку месеци во Брисел. Реформите со ова ќе бидат фрлени на буниште и на сила ќе стапи целосна контрола и партизација на судството“.

Филипче рече дека „ја алармира целата македонска и меѓународна јавност дека ова не смее да се дозволи. „СДСМ остро ќе се спротистави на ова и ќе направи се да не дојде до ова узрупирање на судската власт од страна на ВМРО-ДПМНЕ“.

„Сакам јасно да порачам до граѓаните, партизацијата на институциите од страна на ВМРО-ДПМНЕ е директен удар врз секој од вас. Сакам сите да размислат, што ќе направите ако полицијата, наместо да ве заштити, служи за да ги заштити нивните интереси? Што ќе биде кога секој кој не е подобен на оваа власт ќе биде осудуван како во времето на режимот? Каква иднина оставаме, ако секој мора да носи партиска книшка за да добие шанса во државата? Тоа е режим и оваа влада чекори одлучно кон тоа“, истакна Венко Филипче на прес конференцијата по повод шест месеци од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

Покрај партизацијата, во изминатите шест месеци јавниот простор е затруен со етнички теми и наративи и поделби, издвои на прес конференцијата Филипче и рече дека таа стратегијата на ДУИ за подигање етнички тензии СДСМ остро ја осудува и дека тоа впрочем најмногу му одговара на ВМРО-ДПМНЕ и нивните сателити во власта.

„Наводниот конфликт меѓу нив е всушност љубовната кавга која ни ја сервираат како перманентна дестабилизација. Оваа политика има само една цел, да ги оттргне граѓаните да мислат на реалните проблеми. Ќе им се полнат главите со омраза и поделби додека им се празнат џебовите од страна на власта. Ќе се отвораат стари рани и стари прашања за граѓаните да гледаат назад наместо да гледаме напред. Но оваа политика, секогаш, порано или подоцна, е силно поразувана. Така ќе биде и овој пат, но се надевам дека многу порано граѓаните ќе го разберат тоа“, истакна Филипче на прес конференцијата.

За Филипче Мицкоски и мегафоните само упорно се обидуваат да ја одржат во живот пропагнданата мантра СДС-ДУИ.

„Може слободно да ја прогласат за пропадната“, рече претседателот на СДСМ на прес конференцијата по повод шест месеци од владата на ВМРО-ДПМНЕ.

Филипче се осврна и на понудите за повеќе национални платформи, декларации, некави повици за обединување. Жално е кога се гледа како партиите од власта терминот обединување го користат всушност за политички поделби.

Но, бидејќи СДСМ никогаш не била и нема да биде неконструктивна опозиција, еве јас ќе им дадам реална понуда, а не таква лажна за поделби. Ги повикувам да создадеме заедно државна стратегија и платформа која ќе биде натпартиска, наднационална и надетничка. Да создадеме заедничка платформа во која сите партии ќе имаат свој придонес и никој нема да ја поседува. Тоа е рецепт за вистинско обедување. Да се обединиме во платформа која гарантира напредок, базирана на реални можности, конркретни планови и заеднички интерес. Ова го бараат граѓаните од нас политичарите. Се друго е дневна политика и манипулација.

Од денес им нудам формирање на тимови од сите парламентарни партии кои ќе работат на ваквата платформа, да ги дефинираме стратешките позиции во сите области. Да ги дефинираме клучните проекти и во здравството и во образованието и во надворешната политика. И сите заедно да излеземе пред граѓаните и да кажеме ова планот за државата и ова се проектите кои ниедна влада ниту сега ниту во иднина нема да ги кочи и опструира. Само така ќе може да обезбедиме долгорочен развој. Само ако така сакаат да работат и ако се искрени во намерите ова ќе го прифатат. Ова е реален патриотизам.

На прес конференцијата Филипче најави масовна теренска кампања на СДСМ после празниците.

„СДСМ не смее и нема да ги заборави луѓето. Не смееме да ги оставиме на маргините и со чуство дека не може ништо да направат во ситуација кога власта не се грижи за нив и за реалните проблеми. Ова сака токму ВМРО-ДПМНЕ, да ги убеди дека мора да се помират со политиките пропагирајќи им дека ете тие биле непобедливи сега“, истакна претседателот на СДСМ Венко Филипче.

Реалноста е сосема различна, животот е многу тежок, проблемите се товарат еден врз друг, рече Венко Филипче и додаде дека СДСМ направи грешка со тоа што се одалечи на некој начин од граѓаните кога беше на власт и дека таа грешка ќе биде исправена.

„До крајот на годината завршуваат сите процеси во партијата, а потоа ќе излеземе на терен и ќе ја промовираме нашата визија и нова платформа со која ќе понудиме реални решенија, нови луѓе и нови политики. Ова ќе биде политика на СДСМ каде граѓаните ќе бидат на прво место“, рече претседателот на СДСМ Венко Филипче на прес конференцијата на која ги оцени политиките на Владата во изминатите шест месеци.

Зачлени се на нашиот е-билтен