Музичарите кои минатата година ги забавуваа скопјани за Нова година на Плоштад Македонија сè уште чекаат да ги добијат своите хонорари. Иако Град Скопје требаше да ги исплати средствата во рок од три месеци, тоа не се случило.
Од Град Скопје посочија дека немаат склучено договор за ангажирање на музичари за прославата на 2024 година и дека обврската за организација ја презела Комората за музичка индустрија. Според нив, Комората учествувала на јавен повик, на кој се обврзала дека настанот ќе биде финансиран од повеќе извори.
На музичарите им порачаа да ги бараат средствата директно од Комората. Дополнително, најавија поднесување тужба против одговорното лице во Комората, со цел утврдување на одговорност и проверка на начинот на финансирање на активностите преку надлежните институции, како и спречување на можни злоупотреби во иднина.
Од Комората, пак, исто така најавија правна постапка за неплатените хонорари, нагласувајќи дека ќе бараат исплата на средствата преку суд.
Станува збор за над 50 изведувачи кои учествуваа во програмата организирана од Град Скопје за новогодишните и божиќните празници под мотото „Градот убав ве кани сите.“ Прославата започна на 25 декември 2023 година, а кулминираше со целодневна забава на новогодишната ноќ.
Во соработка со Комората на музичката индустрија, Градот организираше настапи на познати домашни изведувачи како Тин Камп, Скопје Лејдис Оркестра, Пауза за ракија, Тринити Стрингс, Слаткар, Дарио, Мерак Меана со Сузана Гавазова, Влатко Миладиновски, Стојне Николова, Душко Георгиевски и Блага Петреска.
И покрај ветувањата, до денес средствата не се исплатени. Ситуацијата ја отежнува дополнително и фактот што до овој момент нема официјални информации дали Град Скопје ќе организира новогодишна прослава за 2025 година.