Иницијативата Отворен Балкан која беше иницирана од Северна Македонија, заедно со Албанија и Србија прераснува во вистински двигател на економијата и соработката во регионот, а тоа е препознаено од соседните држави и меѓународните партнери.
Растот на трговијата и видливите придобивки од Отворен Балкан за граѓаните и бизнисите, се причина да земјите како Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово почнат да дебатираат и размислуваат за приклучување кон иницијативата.
Вчера во Бања Лука беше одржана конференција „Know how – за отворен Балкан“ на која се разговараше за иницијативата Отворен Балкан и какви придобивки би имале Босна и Херцеговина и Република Српска доколку се приклучат на истата.
-Сведоци сме денес на големи гужви во превозот и транспорот на роба и луѓе. Оваа иницијатива ќе ни овозможи се тоа полесно да функционира помеѓу државите членки, истакна Златан Клокиќ, министер за европски интеграции и меѓународна соработка на Република Српска.
Сличен став имаше и Томислав Момировиќ, министер за внатрешна и надворешна трговија на Република Српска, според кој мора да се препознае овој политички момент кога Балканот мора економски да се поврзе и да се укинат непотребните гранични процедури, бидејќи само така може да се генерираат нови инвестиции и да се зголеми трговијата со цел подигнување на стандардот.
Поддршка и најава за можно приклучување во иницијативата Отворен Балкан пристигна и од новиот црногорски претседател, Јаков Милатовиќ според кого целта треба да остане членството во ЕУ, но во меѓувреме треба да се работи на зајакнување на економската соработка.
-Регионалната економска интеграција, дали преку договорот за слободна трговија ЦЕФТА, дали преку Берлинскиот процес или преку иницијативата започната од самите земји од Отворен Балкан и се што оди во корист на граѓаните и нашата економија треба да се поддржи и на тоа активно да се работи, изјави Милатовиќ по изборот за претседател на Црна Гора.
Поддршка за приклучување кон иницијативата Отворен Балкан има и од цроногорскиот премиер Дритан Абазовиќ, кој е на ист став како Милатовиќ дека секоја иницијатива која ќе помогне во остварување на целта за членство во ЕУ и подобрување на сорабоката и економијата треба да се поддржи.