Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека ‘има сериозни намери да ги стави под контрола трговците за да не се богатат на грбот на граѓаните’. Тој додаде дека ќе следи ‘жестока реакција на Владата доколку се утврди дека повторно има несакани појави во маркетите’.
Според премиерот профитите на трговските ланци, се должат на зголемувањето на цените на производите.
„Помеѓу, условно кажано, најуспешните компании, 10, 15, 20, гледаме такви трговски ланци, а коњуктурата на бизнисот не е сменета. Кога зборувам коњуктурата, зборувам за волуменот. Не е драматично зголемена потрошувачката или некои иновативни методи, туку станува збор за покачување на цените и тоа не е добро“, изјава Мицкоски.
Во меѓувреме, за време на предновогодишните денови, граѓаните си купија производите по цени ‘вивнати до плафон’. Дел од производите се вратија на старите цени но, не и на пониските цени од претходно. Следат и божиќните празници, кои граѓаните ќе ги поминат со повисоките цени, откако Мицкоски стартуваше со промоцијата на новогодишната кошничка.
Премиерот Христијан Мицкоски, пред повеќе од еден месец почна да ја промовира „Новогодишна кошница“ со над 1000 производи, наводно со намалени цени. Граѓаните реагираа бидејќи наместо намалени добија производи со драстично зголемени цени.
Опозициската СДСМ предупреди, дека „новогодишната кошничка“ е класична манипулација на власта со која ги ‘потценува граѓаните и го прикрива вистинскиот проблем за кој нема решение а тоа е покачувањето на цените на производите’.
„Владата на Мицкоски намерно остави простор и време па трговците веќе ги зголемија цените пред примена на мерката. Сега нема вистински да се намалат цените туку трговците само ќе ги вратат на нивото на коешто беа и тоа реално не значи намалување и не носи никаков бенефит за граѓаните. Станува збор за договорени цени за кои владата сама кажува дека нема да има казни доколку некој од трговците не ги почитува. Што значи оставен е простор тие сами да ги одредуваат цените врз грбот на народот. Инфлацијата во месец ноември достигна 4,3%, а трошоците за живот според последните податоци на Државниот завод за статистика бележат раст од 3,5%“, рекоа од СДСМ
Новогодишната потрошувачка кошница беше најавена од Мицкоски како акциско намалување на цените на одделни прехранбени производи, алкохолни и безалкохолни пијалоци која ќе важи еден месец, односно во периодот од 15 декември 2024 година до 15 јануари 2025 година, во време кога се вклопуваат повеќе празници.
И додека Мицкоски најавува, владина анализа на однесувањето на големите маркети. рокот за „Новогодишнат кошничка“ истекува за десеттина дена.

