Портпаролката на партијата Богданка Кузеска на денешната прес конференција рече дека проверките за издавање на безбедносни сертификати ги вршат исклучиво домашните безбедносни институции, а тоа се АНБ и МВР.
Според неа, последната манипулација што власта ја сервира е дека директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски наводно поседувал сертификат од НАТО за да се одбегнат одговорите на, како што кажа, суштинските прашања „а тоа е дали Христовски воопшто ги исполнува условите да биде на оваа висока позиција“.
„Проверките за издавање на безбедносни сертификати ги вршат исклучиво домашните безбедносни институции, а тоа се АНБ и МВР. Постапката е јасно дефинирана: институцијата каде што работи лицето доставува барање до Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, по што се спроведуваат потребните проверки. А тие проверки за цивилни лица ги спроведуваат АНБ и МВР, а не НАТО. Значи, во случајот со Бојан Христовски, токму АНБ каде што тој е именуван за директор поднела барање и токму АНБ спровела безбедноста проверка на својот директор“, рече Кузеска.
Ова, според портпаролката на партијата, ја открива целата манипулација на власта.
„ Прашањето е зошто по секоја цена, по сите можни скандали, власта го турка Христовски и ревносно го штити. Христовски беше именуван за директор на АНБ без соодветен безбедносен сертификат од ниво „државна тајна“. Согласно член 10 став 1 од Законот за АНБ безбедносниот сертификат е услов за да биде именуван за директор. Се уште е отворено прашањето и за сертификатот за англиски јазик од Пловдив Бугарија, од непостоечка агенција. Отворено е и прашањето за валидноста на дипломата на Христовски“, рече Кузеска.
Одлуката на ДКСК, како што вели, е целосно компромитирана и затоа Јавното обвинителство не смее уште да молчи.
Опозициската партија обвинува дека ВМРО-ДПМНЕ создава „паравласт, ги крши законите за да ги партизира безбедносните институции“.
СДСМ, потенцираа таа, ќе продолжи да инсистира на целосна транспарентност и правна разрешница за овој случај.