Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Инфраструктурата и ветровите главни виновници за катастрофалните пожари во Лос Анџелес

Пожарите кои ја зафатија околината на Лос Анџелес овие денови се оценуваат како историски поради брзиот напредок и ширење. Научниците сметаат дека ветерот е клучниот фактор за ескалацијата на овие пожари, кои се дел од глобалната климатска промена и се очекува да продолжат да се интензивираат со растечките температури на планетата.

Најмалку шест пожари моментално беснеат во Лос Анџелес и во соседниот округ Вентура. Најголемиот пожар е во Пацифик Палисадес, елитно предградие на Лос Анџелес.

Бројот на загинати во шумските пожари во Лос Анџелес се искачи на најмалку 10 лица, јави Одделот за медицинско испитување, според добиените извештаи до четвртокот навечер.

Медицинските лица во округот на Лос Анџелес, кои ги цитира Си-ен-ен, соопштија дека идентификацијата на загинатите е сè уште во тек, а оти во тек е и процесот за известување на најблиските на починатите.

Од почетокот на пожарите се уништени цели населби, речиси 10 000 згради изгореа, а околу 180 илјади жители евакуирани. Материјалната штета се проценува на 150 милијарди долари.

Пожарите избиле надвор од обичната сезона и се прошириле со голема брзина, уништувајќи многу објекти. Според метеоролозите, силните ветрови и сувите услови на овој подрачје значително придонеле за ескалацијата на ситуацијата.

Лос Анџелес, кој се наоѓа во пустинската област на јужна Калифорнија, е познат по ветровите Санта Ана. Но, најновите пожари не се предизвикани само од тие ветрови, туку и од необично силни ветрови кои потекнуваат од бура над долината на реката Колорадо, засилени од феноменот наречен “планински бран”.

„Кога овие ветрови се комбинираат со планинскиот бран, се создаваат услови за брзо проширување на пожарот“, изјави научникот Пол Шлатер од Националната метеоролошка служба. Овој феномен имал слично дејство во 2021 година во Колорадо, кога пожарот Маршал уништил илјадници објекти.

Пред пожарите, метеоролошката служба ги предупреди жителите на Лос Анџелес за опасноста од брзо ширење на пожарите поради сува вегетација, која функционира како „гориво“ за огнот. Со годишниот пораст на температурата во Калифорнија и удвојувањето на бројот на денови со сува вегетација, пожарите стануваат се поекстремни.

Покрај природниот фактор, градската инфраструктура на Лос Анџелес, која вклучува дрвени телефонски столбови и домови кои не се изградени според земјотресни стандарди, допринесува за брзото ширење на пожарите.

Научниците исто така предупредуваат на ризикот од дополнителни катастрофи, како што се одрони, експлозија на гас и други опасни ситуации кои можат да настанат кога ќе изгори вегетацијата и запалените домови.

Зачлени се на нашиот е-билтен