ДЗР: ЈП Железници тоне во долгови и застарена инфраструктура

Државниот завод за ревизија изрази двојно неповолно мислење за работењето на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура, нотирајќи акумулирана загуба од 4,7 милијарди денари, повеќемилионски пенали за неповлечени кредити и сериозни пропусти во управувањето со имотот и јавните набавки.

Државниот завод за ревизија изрази неповолно мислење и за финансиските извештаи и за усогласеноста со законските прописи на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија. Според конечниот ревизорски извештај, претпријатието се соочува со системска неефикасност, нерационално трошење на јавни средства и континуирано влошување на техничката состојба на пругите.

Претпријатието во континуитет остварува негативни резултати, со што вкупната загуба достигна 4,7 милијарди денари. Само во текот на ревидираната година загубата од редовното работење изнесува 188,7 милиони денари.

Ревизорите нотираат сериозни проблеми при реализацијата на капиталните проекти на источниот крак од Коридор 8. Делницата Куманово – Бељаковце бележи над осум години доцнење, додека вредноста на проектот пораснала за 96 проценти, достигнувајќи речиси 78 милиони евра. Кај втората делница, Бељаковце – Крива Паланка, целосно се потрошени предвидените непредвидени средства во износ од 14 милиони евра преку десетици варијации и побарувања на изведувачот, а градежните работи доцнат.

Поради бавната динамика на градежните активности, претпријатието досега исплатило 7,7 милиони евра само за провизии за неповлечени кредитни средства од Европската банка за обнова и развој. Најголем дел од овие пенали, речиси 5 проценти од вкупниот заем, се однесуваат на втората фаза од Коридор 8. Дополнително, над осум милиони евра повлечени средства стојат неискористени на сметка во Народната банка, за кои се плаќаат редовни камати.

Извештајот открива дека третина од материјалните средства во подготовка потекнуваат од пред 2010 година и се состојат од стари студии и проекти со неизвесна употребна вредност. Истовремено, дури 75 проценти од залихите се постари од пет години, вклучително и бетонски прагови во вредност од 88 милиони денари кои со години се чуваат на отворен простор.

Ревизијата утврди дека за 91 процент од линиските железнички објекти и за најголем дел од земјиштето не е запишано правото на сопственост во Катастарот. Слабости се констатирани и при стопанисувањето со станбениот фонд, каде закупнини се наплаќаат според договори стари неколку децении, а дел од становите се користат без договори или без да се издаваат фактури.

Состојбата со кадровските ресурси ја карактеризира долгогодишно пополнување на работни места преку времени решенија наместо со огласи, исплати на јубилејни награди без одлука на Управниот одбор, како и користење на службени возила без патни налози и евиденција на изминати километри.

Според ревизорските наоди, поголемиот дел од железничката мрежа во државата е надвор од експлоатациските стандарди, со воведени бавни возења од 20 до 30 километри на час на над педесет локации поради дефекти, нестабилни мостови и дотраени прагови.

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?