По спроведената истражна постапка во предметот под кодно име Премин, надлежниот јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, денеска до Основниот кривичен суд Скопје достави Обвинителен акт против 14 лица и Обвинителен предлог против две лица.
Според обвинението, во периодот од март 2023 до октомври 2024 година, обвинетите, распоредени на царинските испостави Ново Село и Дојран, барале и примале парични средства од превозници на стока. Наместо да ги наплатат законските царински давачки, тие дозволувале увезената стока слободно да влезе во земјата.
Обвинителството утврди дека обвинетите земале поткуп во износи од 20 до 150 евра за секој поединечен случај
„Обвинетите свесно ги кршеле законите за да прибават лична корист, на штета на државниот буџет“, наведуваат од Јавното обвинителство.
Според наводите содржани во диспозитивот на обвинителниот акт, 13 царински службеници од кои едниот е во пензија и полициски службеник се обвинети дека како соизвршители сториле продолжено кривично дело Примање поткуп предвидено и казниво по член 357 од КЗ.
Деветмина од обвинетите сториле и продолжено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 КЗ.
Едно лице освен за погоре наведените две дела е обвинето и за кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи од чл.396 ст.5 вв со ст.3 вв со ст.1 од КЗ.
Двајцата царински службеници против кои е поднесен обвинителниот предлог се обвинети дека како соизвршители сториле едно кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 од КЗ.
За сите обвинети за кривичното дело Примање поткуп обвинителството смета дека се исполнети условите од чл.38-б од КЗ и му предлага на судот да им изрече и казна -Забрана за вршење на професија, дејност или должност со што на лицата ќе им биде забрането вршење на должност на службено лице во орган на државната управа односно министерство, друг орган на државна управа како самостоен орган на државна управа или органи во состав на министерствата или управна организација како и во други државни органи.