Откупот на оризовата арпа од минатогодишната реколта е во застој, што ги принуди земјоделците од кочанскиот регион да ги чуваат залихите во домашни амбари. Разочарани од непочитувањето на ноемврискиот договор за пласман на производството, тие бараат нова средба со ресорниот министер, заканувајќи се со протести ако проблемот не се реши.
– Уште од август немаме откуп. Имавме неколку средби со министерот, но состојбата се влоши. Договорената мерка за исплата од 6.000 денари по откупен тон арпа не се спроведува, и досега не е откупен ниту килограм. Производната цена е 26 денари по килограм, а нам ни нудат под тој износ. Откупувачите се жалат на нарушени пазари во Србија и Косово, но ние сме оставени сами – изјави Здравко Арсов, оризопроизводител од Облешево.
Цените што им се нудат на производителите се исти како пред пет години, што со зголемените трошоци за производство не ги покрива ниту основните давачки.
– Белиот ориз на пазарот се продава за 120 денари по килограм, а ние добиваме само една третина од таа цена. Министерот тврдеше дека цените од 32–34 денари по килограм се неприфатливи, а сега нѐ остава со 26 денари и никаква поддршка. Ако нема оправданост од оваа реколта, зошто да сееме напролет? – прашува Коце Ангелов, производител од Облешево.
Земјоделците тврдат дека околу 80% од минатогодишното производство останува неоткупено, а вкупните залихи, заедно со претходните количини, достигнуваат околу 29.000 тони оризова арпа.
Дополнителен проблем е задоцнетото чистење на каналите за наводнување од страна на водостопанската подружница „Брегалница,“ што може да го загрози оптималниот рок за сеидба во април и мај. Земјоделците апелираат за итни мерки за да се спречи дополнителна штета врз нивното производство.