Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска на владина седница рече дека намалувањето на приливот на нерегуларни мигранти во Италија минатата година е резултат на успешните политики на Владата.
„Фронтекс денеска не информира дека бројот на нерегуларни влезови на мигранти регистрирани во ЕУ во 2024 година се намалил на најниско ниво од 2021 година“, истакна Мелони, пренесе АНСА.
Според неа, намалувањето главно се должи на „драстичниот пад на пристигнувањата на централномедитеранската рута, благодарение на намалувањето на поаѓањата од Тунис и Либија“.
„И ова секако е резултат на активностите на Италија, како што и вкупното намалување на нерегуларните влезови во ЕУ и на други рути, зависи од големата работа што нашата влада ја презеде во последниве години и која дава одлични резултати“, рече Мелони.
Бројот на мигранти кои влегуваат во Европската унија преку неправилни рути се намали за 38 отсто во 2024 година, достигнувајќи го најниското ниво од 2021 година, објави претходно денеска Европската агенција за гранична и крајбрежна стража Фронтекс.
Фронтекс соопшти дека намалувањето на нешто повеќе од 239.000 нерегуларни гранични премини минатата година е благодарение на интензивираната соработка меѓу ЕУ и партнерите во борбата против шверцерските мрежи.
Целокупното намалување на нерегуларната миграција главно се должи на намалувањето на пристигнувањата за 59 отсто преку централномедитеранската рута поради помалку поаѓања од Тунис и Либија и 78 отсто намалување на пристигнувањата на западнобалканската рута благодарение на силните напори на земјите во регионот тоа да го спречат, соопшти Фронтекс.