Мицкоски џабе се фали, пругата Куманово – Бељаковце беше завршена од СДСМ

„90% од изградбата на пругата Куманово-Бељаковце е завршена во периодот на Владата на СДСМ и горди сме што денеска се пушта во употреба“, реагираа денеска од опозициската партија, откако премиерот Христијан Мицкоски со сечење на црвена лента го означи завршетокот на изградбата на делницата.

Според СДСМ, денешното возење на Мицкоски и половината од ДПМНЕ во воз по пругата Куманово-Бељаковце  е уште едно признание за се она што СДСМ го направи во изминатите години. ‘Мицкоски се кити со туѓи перја но сепак добро е што проектот е завршен, тоа е во интерес на граѓаните’.

„Пругата наречена надеж“ 28 години тапкаше во место и немаше никакво поместување во делот на изградбата. Благодарение на посветеноста на Владата на СДСМ изградбата започна во октомври 2022 година и сега се завршува. СДСМ докажа дека кога се има желба, кога се работи посветено и со правилно менџирање на буџетските финансии и ресурси, секоја цел е остварлива.  Овој значаен инфраструктуен проект отвора нови европски рути за железнички превоз, го подобрува регионално поврзување на Македонија со пристаништата во Бургас и Варна во Бугарија и Драч во Албанија, што е од исклучителна важност за македонската економија“, велат од СДСМ.

Според опозицијата, новата железничка инфраструктура е можност за отворање на пазари за нови инвестиции, за нови соработки меѓу домашните, но и со меѓународните компании, помалку трошоци за транспорт и безбеден траснпорт. 

„Инфраструктирните проекти на СДСМ, се проекти со трајна вредност и се потврда дека СДСМ работи за реалните потреби на граѓаните, создавајќи проекти кои го унапредуваат животот во нашата земја“, велат во партијата.

 Пругата Куманово-Бељаковце во должина од скоро 31 километар е завршена, инвестирани се преку 78 милиони евра. Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, заедно со вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски, директорот на ЈП ЖРСМ – Инфраструктура Синиша Ивановски, амбасадорот на ЕУ Михаил Рокас и шефот на канцеларијата на ЕБОР Фатих Туркменоглу, во Бељаковце го означија завршетокот на изградбата на оваа делница, дел од Коридорот 8. Претходно, претставниците на Владата се возеа со воз од железничката станица Куманово до Бељаковце.

Зачлени се на нашиот е-билтен