Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

СДСМ: Главната улога во тендерот од 3,5 милиони евра има роднината на Томовски, ДКСК и ОЈО веднаш да реагираат

Опозициската СДСМ тврди дека тендер вреден 3,5 милиони евра добила фирма во која роднина на директорот на СОЗР, Ивица Томовски станува раководител на подружница од истата фирма во ек на самата тендерска постапка. Социјалдемократите бараат итна реакција од Антикорупциската комисија, Јавното обвинителство и сите надлежни институции. Неопходно е целосно да се истражи случајот и да се утврди одговорноста за овој скандал.

Партијата ја открива шемата на, како што вела, голем роднинско-корупциски скандал поврзан со работата на директорот на СОЗР.

Еве ја целата шема, како парите на граѓаните завршуваат во џебовите на роднините на функционерите од ДПМНЕ.

„СОЗР, орган во рамки на Владата склучила договор за обезбедување на државните објекти со компанијата „Праеториан ДООЕЛ“, вреден 3,5 милиони евра. Огласот за тендерот бил распишан на 10 октомври 2024 година и до тогаш, компанијата е во сопственост на Тадеуш Јарчев, а управител е Анета Јарчева. Но, само осум дена подоцна, во ек на огласот, односно на 18 октомври, Власе Танаскоски, роднина на Томовски, влегува во „Праеториан ДООЕЛ Скопје“. Регистрирана е подружница во Охрид и за нејзин раководител е избран токму роднината на Томовски, Власе Танаскоски. Адресата на подружницата се совпаѓа со седиштето на компанијата „Гашо Пласт“, чиј сопственик е уште еден близок роднина на истиот функционер“, велат во СДСМ..

СДСМ тврди дека станува збор за класичен пример за злоупотреба на функцијата и директен конфликт на интереси.

„Владата на ДПМНЕ овозможува коруптивни шеми за лични интереси на функционерите од власта. Ова е синдром на еден коруптивен систем на ДПМНЕ кој работи за испумпување на парите на граѓаните, само за богатење на мал круг луѓе блиски до власта. Со вакви криминални шеми, Владата на Мицкоски го уништува правото и ја нарушува довербата на граѓаните во системот. Ваквите скандали мора да завршат! Граѓаните заслужуваат власт која ќе работи во нивни интерес, а не за лични и фамилијарни профити“,велат во СДСМ..

Зачлени се на нашиот е-билтен