Договорот за средствата од унгарскиот кредит наменет за компаниите е финализиран и во вторник треба да помине на седница на Влада. Се надевам дека до крајот на месецов ќе биде се завршено, ќе се потпише со банките и ги повикувам економските оператори да подготват проекти и да аплицираат за да ги добијат кредитите од комерцијалните банки, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Одолговлекувањето на кредитната линија, како што кажа, е заради проширување на опфатот на фирмите кои ќе можат да ја користат за што се правела анализа, а банките веќе ги имаат средствата на располагање и економските оператори ќе треба да потпишат договори со нив.
-Анализата вели дека 250 милиони евра годишно е побарувањето на економските оператори за да земат заеми. Ако ги ограничите можностите, тогаш се ограничуваат и економските оператори и може да се случи од тие 250 милиони евра да се искористат само 120, 150 или 180 милиони евра, а другите да останат. Од тие причини сакаме да го прошириме сето она што ќе има позитивен импут во БДП и во македонската економија. Но, сега е се дефинирано, завршено е, содржината на договорот е готова, посочи Мицкоски.
Потврди дека веќе се пристигнати и другите 500 милиони евра од унгарскиот кредит, а веќе е вратена и обврзницата од 500 милиони евра од 2018 година.