Украина, Блискиот Исток и односите ЕУ-САД, главни теми на Советот за надворешни работи на Унијата 

Последните случувања поврзани со руска агресија врз Украина, состојба на Блискиот Исток и односите меѓу Европската Унија и САД, се главните теми на денешното заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел. 

Пред заседанието на Советот, со кој ќе претседава високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, шефовите на дипломатиите на земјите членки на Унијата ќе имаат работен појадок на кој ќе разговараат за хибридните закани со кои се соочува блокот, поврзани со неодамнешните саботажи, кибер напади, обидите за мешање и влијание врз изборните процеси и оштетувањето на подводната инфраструктура во Балтичкото Море. 

Состанокот на министрите за надворешни работи ќе започне со неформална размена на мислења преку видео конференциска врска со нивниот украински колега Андриј Сибиха за најновиот тек на настаните во Украина поврзани со руската агресија и актуелните приоритети на земјата. 

По ова европските министри ќе дебатираат за начините за засилување на воената поддршка на ЕУ за Украина, која опфаќа снабдување со муниција и системи за противвоздушна одбрана и обука и опремување на украинските вооружени силите.  

Министрите ќе дискутираат за можностите за зголемување на притисокот врз Русија, вклучително и за 16-тиот пакет на санкции чија подготовка е во тек, како и за напорите за обезбедување одговорност и за финализирањето на работа на Основната група за Специјалниот трибунал за злосторства извршени при руската агресија. 

Зачлени се на нашиот е-билтен