Разногласие меѓу коалициските партнери Мицкоски и Таравари. Лидерот на Алијансата на Албанците, Арбен Таравари, ја информираше јавноста дека знае оти премиерот ќе се согласи на уставни измени, како што тоа претходно го направил со Коридорот 8 и со Преспанскиот договор, на кои иако имал забелешки и бил против нив, сепак ги прифатил.
Од друга страна пак, премиерот Христијан Мицкоски денеска коментирајќи ја изјавата на Таравари рече дека во однос на уставните измени, барал достоинствено решение, односно уставни измени со одложено дејство.
„Ние можеме да зборуваме за уставните измени но истовремено можеме да зборуваме за други работи кои ние ги бараме коишто се дел од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, зад која застанаа повеќе од половина милион граѓани и јас немам намера ниту милиметар да се поместам од тоа што сум го кажувал, го кажувам сега и ќе го кажувам во иднина“,додаде Мицкоски.
Тој нагласи дека и никогаш не бил против Коридорот 8.
„Уште во опозиција пред четири-пет години реков дека не можеме да ја игнорираме јавноста. Тоа што вие го цитирате не беше така кажано од господинот Таравари, но во ред. Јас категорично демантирам дека така беше кажано“,рече премиерот одговарајќи на новинарско прашање.
Инаку, Мицкоски пред да дојде на власт ветуваше дека со двотретинско мнозинство во парламентот, ќе го укине Преспанскиот договор.

