Некои од големите маркети во пресрет на бојкотот од страна на граѓаните како револт за високите цени, се обидуваат да најдат начин да го зголемат прометот, а едновремено да се прикажат и како општествено одговорни компании.
Супермаркетите „Тинекс“ ја започнуваат кампањата „Твој избор, твоја заштеда“, преку која од 31 јануари и во текот на февруари ќе понудат значителни намалувања на цените на повеќе основни производи неопходни за секое домаќинство.
На ваква акција се решил маркетот Тинекс кој според некои анализи што излегоа во јавносста забележува стагнација во висината на приходите, односно пад на добивката, споредбено со минатите години.
„Тинекс ги разбира потребите на македонските купувачи и ја започнува кампањата „Твој избор, твоја заштеда“, во рамки на која веќе од 31 jануари и во текот на февруари ќе понуди намалување на голем број производи, кои се неопходни за потребите на едно семејство. Станува збор за производи, кои се клучни за функционирањето на домаќинствата и веруваме дека ќе придонесат во заштеди на семејниот буџет.“ – се вели во соопштението од компаниајта.
Оттаму додаваат дека растот на малопродажните цени се должи на растот на набавните цени.
„Направените анализи во последните четири месеци од 2024 година покажуваат зголемување од 9% на просечните набавни цени во однос на истиот период во 2023 година. И покрај сето ова, Тинекс секогаш има слух за потребите на потрошувачите и успеваме да понудиме производи со прифатливи цени“ – стои во соопштението на Тинекс.
Слична акција пред недела дена најави и Веро.
Граѓаните организирани преку социјалните мрежи за утре најавуваат бојкот на сите продавници како знак на револт поради превисоките цени.
Македонските маркети во 2023 година инкасирале нешто под 40 милиони евра чист профит. За 2024 сумата се очекува да биде и поголема.