Потрошиле 10 милиони денари за два ласери кои не се користат – Ревизoрите со забелешки за Клиниката за дерматологија

Клиниката за дерматологија е соочена со големи оперативни и финансиски потешкотии, според најновиот ревизорски извештај. Државниот завод за ревизија открил сериозни неправилности во управувањето со лековите за ретки болести, како и во финансиското работење и исполнувањето на здравствените услуги.

Главната слабост што ја истакнува ревизијата е отсуството на адекватна сметководствена евиденција за лековите кои се применуваат и потрошуваат при третманот на ретки болести. Во 2023 година, Клиниката примила лекови во вредност од 37,4 милиони денари, но пријавената потрошувачка е само 27,4 милиони денари, што предизвикува разлика од 8,8 милиони денари. Попрецизно истражување покажа дека пациенти сè уште имаат лекови во вредност од 31.748 милиони денари, од кои 39% се со истечен рок на траење.

Ревизорите забележуваат дека Клиниката добила 13 милиони денари за купување на медицински апарати и лекови, но без претходно аргументирано стручно образложение за потребата од истите. Од тие средства, скоро 10 милиони денари биле потрошени за два ласери кои, и покрај високиот трошок, не се користат до денешен ден.

Според податоците од системот „Мој Термин“, во 2023 година биле реализирани 36.988 здравствени услуги, што е помалку во однос на 2022 година кога биле извршени 37.733 услуги. Сепак, финансискиот надоместок за Клиниката бил зголемен од 88,6 милиони денари на 92,1 милиони денари, со што процентот на реализираните услуги паднал од 43% на 40%.

Во извештајот се наведува и дека Клиниката има ненаплатени побарувања од Министерството за здравство во висина од 1,3 милиони денари, чие враќање е неизвесно.

Ревизорите препорачуваат итни мерки за подобрување на транспарентноста, финансиската контрола и ефикасноста во работењето на Клиниката.

Најчитано